Молк за истрагата со тепачките меѓу деца во Капиштец, работилници и средби со родителите

Нема одговор од надлежните во Министерството за внатрешни работи (МВР) на прашањето на „Мета“, до каде е истрагата во врска со „гладијаторските“ борби што се воделе меѓу ученици во населбата Капиштец, а за кои објави неодамна Институтот за комуникациски студии во соработка со Македонската телевизија. Сѐ уште е непознато кој ги организирал борбите меѓу малолетниците, како и тоа дали некој ќе сноси одговорност за организирањето вакви бокс-мечеви, за чие следење на публиката ѝ се наплаќало по 20 денари, а 300 денари за снимање.

Александра Теменугова, програмски раководител во Институтот за комуникациски студии и уредник на „СамоПрашај.мк“, потсетува дека на почетокот на февруари на www.samoprasaj.mk заедно со МТВ 1, беа објавени серија видео прилози за организирани борби меѓу малолетници во скопската населба Капиштец. На видео снимките се гледа дека станува збор за бокс-мечеви со публика во која, освен деца, има возрасни граѓани кои го исчекуваат исходот од тепачките.


– По првичната објава, на наше инсистирање се огласија општина Центар, МВР и МОН, но за жал без одговор за истрага од која ќе дознаеме како и зошто се организирале вакви бокс-мечеви. Поминаа неколку дена од објавата и за нас беше разочарувачки индолентниот однос на најповиканите. Затоа се обративме директно до вкупно 10-тина институции и граѓански организации, барајќи од нив, секој според своите надлежности и домен на работа, соодветно да реагираат и да кажат што сториле во врска со случајот. Им пишавме на Народниот правобранител, МВР, МОН, Министерството за труд и социјална политика, Град Скопје и до градоначалникот и претседателката на советот на општина Центар, Саша Богдановиќ и Јана Белчева – вели Теменугова.

Освен тоа, се обратиле и до граѓанските организации кои се занимаваат со заштита на правата на децата, барајќи од нив да реагираат за да се зголеми притисокот кон институциите за поскоро решавање на случајот.

– Пишавме на детската амбасада „Меѓаши“, Хелсиншкиот комитет и на УНИЦЕФ. Ни одговорија само од „Меѓаши“ кои рекоа дека го следат случајот, но дека ќе реагираат откога ќе се произнесат надлежните органи. Но, ниту една институција не ни одговори на нашите барања за реакција и објаснување што истражиле. На социјалните мрежи видовме само дека во седум училишта во општина Центар се одржуваат работилници и средби меѓу родители и припадници на СВР Скопје  – Одделение за превенција како дел од претходен проект за безбедност во училиштата. Но, сметаме дека ова не е доволно. Ова е тема која не треба да се заборави или игнорира. Во текот на следната недела, повторно ќе се обратиме до посочените институции дали и што презеле во врска со овој алармантен случај – информира таа.

И „Мета.мк“ се обрати до градоначалникот на Центар, Богдановиќ, кој потврди дека во соработка со СВР Скопје, во осум училишта се реализираат работилници и средби на кои припадници на МВР дискутираат со родителите на децата околу безбедноста.

– По скандалот со „Јавна соба“ и по прилозите за борбите меѓу малолетници во Капиштец, сметам дека ваквите работилници ќе придонесат да се подобрат сотојбите. Оваа соработка ќе  даде резултат, проектот е веќе во тек, а целта е да се зголеми свеста и самите родителите да влијаат на нивните деца. Целта е учениците да знаат како да постапуваат во иднина – вели Богдановиќ.

Прашавме што прават и надлежните во Министерството за образование и наука по обелоденувањето на случајот со организираните тепачки меѓу учениците. Од таму повторија дека МВР и другите надлежни истражни органи се веќе ангажирани околу неговото расветлување и пронаоѓање на организаторите и учесниците.

– Имајќи предвид дека согласно јавно објавените видеа, активноста се случува надвор од училиште и не за време на настава, ние немаме директна надлежност за постапување. Но, во комуникација со останатите институции, локалните самоуправи и со самите училишта, активно работиме и ќе продолжиме да работиме со цел анулирање на појавите од овој тип на начини како што наложуваат правните прописи во земјата кои го регулираат доменот на нашето работење – велат во МОН.