Денеска во Градскиот парк во Скопје, активисти поставија фотографии од жени жртви на семејно насилство со цел да алармираат за зголемувањето на бројот на вакви случаи.
„Идејата на оваа акција е од една страна да се охрабрат жртвите да проговорат и да побараат помош, но од друга страна главна цел на акцијата е повеќе да се охрабрат сведоците на ваквите состојби да реагираат наместо да игнорираат и да ја забиваат главата во песок под превезот дека тоа не е нивна работа“, појаснуваат активистите.
Како што велат тие, акцијата е поставена во градскиот парк каде што секојднево проаѓаат бројни функционални семејства во кои нема семејно насилство, но секако биле и се сведоци на овој тип насилство, а никогаш не реагирале.
„Семејното насилство е во подем особено во време на кризи, епидемии и пандемии. Најчести жртви на овој тип насилство се жените и децата. Многумина притиснати од кризата, секојдневната пресија и проблеми својот бес и лутината ги истураат на своите најблиски односно на членовите на семејството. Иако Македонија има систем и институции кои успешно се справуваат со овој тип на проблеми жртвите на семејно насилство најчесто одбираат да молчат односно молчат додека не стане предоцна“, потенцираат активистите.
Според сите светски истражувања најдобрата метода за сузбивање на семејното насилство е раната детекција и навременото реагирање.
Мета.мк и претходно пишуваше за бројот на жртвите на семејно насилство и уште на почетокот на пандемијата алармираше дека ќе расте нивниот број, не само поради карантинските услови и полицискиот час, туку и поради кризата која го усложни функционирањето на државните институции.