Наумче Мојсовски фото: Влада
Наумче Мојсовски фото: Влада

Три милиони евра или 184,5 милиони денари ќе бидат издвоени од државниот буџет за спортските субјекти за непречено спроведување на активностите во ковид кризата. Според Законот за спорт, досега, во услови на ковид-19, 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти добиле спортски ваучер за таа намена. Ова го изјави на денешната прес конференција, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, на која тој зборуваше за континуираното вложување и обезбедување услови за квалитетни спортски можности од страна на АМС и Владата.

Тој информираше подетално за одлуката на Владата за средствата од програмите за ковид мерките за спортистите и спортските федерации.

„Средствата од Буџетот се дел од програмите за справување со последиците од ковид-19 кризата. Веќе една година сме соочени со тешкотии и проблеми во функционирањето поради пандемијата, а финансиска поддршка на спортските чинители во државата е еднакво потребна“, рече Мојсовски.

Со владината одлука за финансиска поддршка, усвоена на 65. седница, на сметките на спортските субјекти ќе им се издадат ваучери за 2021 година, при што ќе им бидат уплатени најмногу до 30 отсто од вредноста на издадениот ваучер, како еднократна финансиска помош, според официјалната листа на спортски субјекти објавени на веб страната на АМС.

Процедурата подразбира, УЈП до АМС да достави листа на спортски субјекти, корисници на спортскиот ваучер, кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти. Потоа, АМС ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави список на субјекти и износ за користење на остатокот од ваучерот, издаден за 2021 година. Потоа, конечната листа ќе биде доставена до Владата и ќе следува исплатата.

„И во време на пандемија, ќе направиме сѐ за да овозможиме развој, поголем простор и повеќе средства за нови спортисти и рекреативци. Ветивме дека спортот ќе го добие своето заслужено место и поддршка и тоа го остваруваме. Спортот и сите спортски работници, во континуитет ќе бидат поддржани со цел да може да функционираат непречено“, изјави Мојсовски.