fbpx

Могерини ги седна заедно Груевски, Заев, Ахмети, Касами и Села

-

Првпат по Договорот од Пржино во јули 2016 година, политичките лидери седнаа во иста просторија.­ Високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, денеска во Собранието имаше средба на која, со соработниците, присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, претседателот на Беса, Билал Касами, и Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

Груевски и Ахмети заминаа без да дадат изјави.

Заев по средбата истакна дека Иванов треба добро да размисли за иднината на Македонија и да се води според интересот на граѓаните.

– Платформата за која вчера зборуваше Иванов не му пречеше додека Никола Груевски преговараше за неа и од неговиот говор може да се види дека станува збор за политички оправдувања да не го додели мандатот – рече Заев.

Во невообичаено кусото партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Могерини, се вели дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ било изразено „незадоволство од платформата на премиерот на Албанија, Рама, од Тирана, негативните последици што се предизвикуваат од бруталното мешање во внатрешните работи на соседна држава, спротивно на принципите за добрососедство“, како и дека бил истакнат „актот за нарушување на принципот за коалицирање на „победник со победник“ по изборите“.

„Разговарајќи околу можните решенија, ВМРО-ДПМНЕ ја повтори оценката дека спроведувањето на брзи избори е најдобриот начин за стабилност и за надминување на политичката криза“, се заклучува во соопштението.

Касами по средбата оцени дека средбата со Могерини е исклучително значајна во овој момент.

– Пораката на Могерини беше јасна – дека во ваква ситуација нема да нè остават сами. Во ситуација кога се паднати институциите, ние имаме договор за стабилизација и за асоцијација и нивната поддршка ќе биде согласно тој договор да се вратиме на евроатланскиот пат – рече Касами.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, рече дека сите пријатели на Македонија биле загрижени, а пораката на Могерини била дека вратите на Европската Унија се отворени за Македонија.

Зијадин Села од Алијансата на Албанците смета дека Иванов само ја втурнал Македонија во државна анархија.

Шефицата на европската дипломатија на почетокот на посетата се сретна со претставниците на невладините организации.

– Сакам да ве ислушам, знаејќи дека минувате низ тешки времиња кои се витални за вас – им порача таа на средбата зад затворени врати во седиштето на ЕУ.

Могерини во Македонија дојде среде ескалираната политичка криза, во која најнов елемент е одбивањето на престедателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, пак, го обвини дека со тоа прави државен удар и создава државно-уставна криза во земјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...