МОФ: Во сите училишта да се организираат часови за информирање и подготовка за матурските испити

Архивска фотографија | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

При одржувањето на државна матура, клучен приоритет треба да бидат здравјето, безбедноста и информираноста на сите вклучени во процесот на подготовка и полагање: учениците, наставниот и административниот кадар, техничкиот персонал, како и набљудувачите. Навремена комуникација со матурантите и обезбедување на нивна поддршка во целиот процес е клучна за успешно организирање и спроведување на матурскиот испит кој е особено значаен момент во образовниот процес на младите луѓе, смета Младинскиот образовен форум.

„На учениците им недостасуваат информации за направената скратена програма во содржините потребни за изучување и подготовка на матурскиот испит. МОФ апелира во рамки на сите училишта да се организираат часови за информирање и подготовка за матурските испити и да се назначат професори кои ќе бидат контакти за информирање во врска со матурата и кои би биле на располагање на учениците во однос на нивните нејаснотии, прашања, грижи и недостатоци во знаењето и подготовката на материјалот за матурските испити“, истакнуваат од МОФ.

Младинската организација смета дека ограничувањето на матурските испити на два испитни рокови, како што беше практикувано до сега, има недостатоци поради тоа што оневозможува полагање на испитот за учениците кои се заболени, или пак во изолација поради контакт со заболен од ковид-19.

„Доколку се случи ова, тие ќе мора да го полагаат испитот во испитниот рок во август што значително ги намалува нивните шанси за конкурирање и упис на факултет. Од овие причини предлагаме надлежните институции да предвидат уште еден дополнителен термин за полагање на матурскиот испит, во текот на месец јули кој ќе биде првично наменет за учениците кои биле спречени да полагаат во јуни. Со цел овозможување на иста позиција на сите матуранти кои ќе го започнат своето високо образование оваа година, потребно е институциите да обезбедат испитен рок во јули, наместо само августовскиот „поправен“ рок“, стои во соопштението на МОФ.

Младинскиот образовен форум потенцира дека матурата е важен сегмент за заокружување на средното образование и како таков мора да се спроведе квалитетно и промислено. Од МОФ велат дека ќе продолжат и понатаму будно да го следат процесот на полагање на матурскиот испит како би се овозможило целосна информираност и соодветни услови на матурантите за подготовка на државната матура.