Модна ревија на брендот ZEN за адаптирана облека за лица со попреченост

Функционалната облека ги подобрува квалитетот на животот, гордоста и самодовербата кај лицата со попреченост и има цел да го олесни нивното секојдневно функционирање, да создаде поголема независност и да им помогне на нивните семејства, асистенти или старатели

Фото: Мета

Здружението „Икуалити“ вчеравечер во Музејот на современата уметност во Скопје организираше ZEN Инклузивно Soirée со модна ревија на која 31 лице со уникатни способности продефилира во колекција гардероба адаптирана за нивните специфични потреби. На ревијата беа промовирани панталони, кошули, маици, фустани и јакни со модерни дезени и дизајни креирани да придонесат за поголема независност и поквалитетен живот за лицата со попреченост.

Гере Трипков, претседател на „Икуалити“, на отворањето на настанот истакна дека сите стотина парчиња креирани под брендот ZEN ќе им бидат подарени на лицата модели кои ги носеа на ревијата.

„Ревијата е заокружување на првиот дел од овој проект за адаптирана мода кој започна во 2022 година. Визијата е брендот во следните пет години да стане еден од лидерите за иновации во модата воопшто и да создаде трендови кои се безвременски, мода која е ултрамодерна, пријатна за носење и безбедна. Следната цел е да се заокружи процесот и да се склучи долгорочно партнерство со инвеститор за отворање на производствен погон и натамошни инвестиции во развој“, рече Трипков.

Адаптираната мода ZEN има цел да одговори на потребите на лицата со попреченост за кои широко достапната мода од тесни панталони или кошули со десетина копчиња не е удобна, пријатна или поволна за нивното здравје. Оваа облека го скратува времето на сите кои имаат каква било физичка пречка да се облекуваат и дотеруваат.

„Функционалната облека ги подобрува квалитетот на животот, гордоста и самодовербата кај лицата со попреченост и има цел да го олесни нивното секојдневно функционирање, да создаде поголема независност и да им помогне на нивните семејства, асистенти или старатели“, рече Трипков.