Не постои никаква основа за стравување во Грција од каков било македонски иредентизам, реагираат денеска од македонското Министерство за надворешни работи, по изјавата на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, дека во спорот за името се проблематични иредентистичките тенденции што земјава ги покажува со барањето на името Македонија.
„Истакнувањето на ваква перцепција е во функција на оттргнување на вниманието од реалното попречување на евроинтегративниот процес на Република Македонија, особено по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, од 2011 година“, истакнуваат од МНР.
Во реакцијата се наведува дека преку процесот на градење доверба треба да се решат сите спорни прашања и оти иредентизмот воопшто не е одлика на Македонија.
„Од македонска страна, цениме дека во рамките на процесот за градење мерки на доверба, треба да се најде решение за сите извори на недоверба од двете страни. Иредентизмот не е одлика на Република Македонија, која континуирано се залага за регионална соработка. Цениме дека истото треба да биде прифатено и од нашиот јужен сосед“, велат од МНР.
Коѕиас во Атинската стопанска комора рече дека проблемот на Македонија, но и на другите балкански држави, е недостигот од култура на компромиси и внатре во државата и во надворешната политика и неразбирањето на суштината на демократијата и на правилото дека и малцинството може да стане мнозинство. Тој притоа забележа дека тие што одбиваат со Грција да преговараат за суштинско решение за името се истите што сега не сакаат да дозволат мнозинството во македонскиот парламент да формира влада.