Мнозинството возила возат на нафта, државата нема субвенции за уреди на плин, општините спијат [инфографик]

Фото: Мета.мк

Министерството за економија годинава нема да додели субвенции за вградување на плински уреди во возилата, бидејќи со антикризните мерки Владата одлучи да ги пренамени средствата предвидени за оваа намена. Општините исто така не доделуваат средства на граѓаните за промена на погонското гориво на кое се движат старите возила, а статистичките податоци покажуваат дека расте бројот на возила кои се движат на нафта и дизел во Македонија.

Од Министерството за економија за Мета.мк накратко одговораат дека годинава нема да има јавен повик за доделување на субвенции за вградување на плински уреди во возилата. Ова министерство во Буџетот за 2023 година планира субвенции во висина од 11 милиони денари за оваа намена, но изработката на новиот буџет допрва кон крајот на годинава треба да помине низ владин и собраниски филтер. Причина за немањето субвенции годинава се скратените средства на Министерството за економија поради усвоените антикризни мерки во земјава.

Од ова министерство информираат дека на јавните повици објавени во 2019 и 2021 година преку Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво биле исплатени субвенции во висина над 23,2 милиони денари на вкупно 1.435 баратели на субвенции. Условот бил возилото да биде произведено по 2005 година, но од Министерството за економија немаат податоци за тоа колкава била старосната граница на возилата кои добиле субвенции за вградување на плински уред.

Интересен е податокот дека интересот на граѓаните за да инсталиран плински уред во возилата не е голем, па така и двете години не биле искористени во целост предвидените средства за субвенции. Во 2019 година 767 барања биле поднесени за субвенции, а неискористени останале 621.345 денари. 36 баратели таа година биле одбиени. И во 2021 година, неофицијалните податоци од Министерството за економија велат дека како неискористени средства на јавниот повик останале 94.748 денари, при што само 704 лица поднеле барање за субвенција, додека 34 баратели биле одбиени.

Инаку, граѓаните кои вградуваа плински уреди во своите возила преку субвенциите на Министерството за економија можеа да остварат право на поврат од 50 отсто од инвестираните средства, но не повеќе од 18.000 денари, односно 300 евра.

Над половина од возилата во земјава возат на нафта и дизел

Нискиот интерес на граѓаните за да ги искористат субвенциите за вградување плински уреди е присутен во земјава, која што нема ограничување за тоа какви возила може да се движат по градовите, ниту пак се спроведе мерката за воведување на еколошки налепници во периодите на високо загадување на воздухот.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека над половина од регистрираните моторни возила во земјава (автомобили, камиони, автобуси, влечни возила, мотоцикли, трактори и друго) користат нафта или дизел како погонско гориво. Од вкупно 549.653 возила што се регистрирани во Македонија на 31 декември 2021 година, дури 320.524 се движат на нафта. Бензинци лани во земјава имало 216.142 возила.

Мешавината на бензин и гас, односно употребата на плински уреди, е констатирана кај само 12.320 возила што сообраќаат по патиштата. На електрична струја се придвижувале само 243 возила, додека мешавина од горива користеле 420 возила со македонски регистарски таблички. Во земјава имало 4 возила кои се движат на алкохол. Ова практично значи дека бројот на возила кои користеле еколошко погонско гориво е минимален, и покрај тоа што низ годините бројката на регистрирани возила во земјава во континуитет расте.

Општините можат, но не даваат субвенции за поеколошки превоз

И покрај тоа што се соочуваат со високо концентрации на штетни гасови во воздухот, македонските локални самоуправи засега немаат пракса да одвојат дел од општинските средства за доделување на средства, со кои би се стимулирале граѓаните во своите стари возила да вградат плински уреди и да користат алтернативни поеколошки горива.

Скопската општина Гази Баба, како своевиден исклучок во земјава, кон крајот на август објави јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред во возилата за погон на течен нафтен гас (ТНГ), метан или друг вид на гориво. Локалната власт на жителите на оваа општина ќе им овозможи субвенции не поголеми од 18.000 денари по возила, односно со повикот би им надоместила до 50 отсто од вкупните трошоци. Јавниот повик ќе трае до крајот на годинава, а од општинскиот буџет за оваа намена се издвоени 1 милион денари.

Сепак, за разлика од оваа скопска општина, субвенции за вградување на плински уреди засега нема на ниво на Град Скопје, ниту пак досега бил објавен сличен јавен повик од страна на некоја од другите општини во главниот град или надвор од него.

Од Министерството за економија за Мета.мк велат дека нема никаква пречка за локалните власти да доделуваат субвенции за вградување на плински уреди или да спроведат слична мерка.

„Доколку имаат буџетски средства во Општините и за таа програмска цел се одобрени средства нема никаква пречка. Постапката на вградување на плински уред и каде треба да се вградат, кои правни лица се лиценцирани за вградување на уредот и за одобрување на плинскиот уред по вградувањето во возилото, се следат прописите на Законот за возила“, информираат од Министерството за економија.

Инаку, вградувањето на плински уреди во возилата има своја предност во намалувањето на аерозагадувањето, односно давање на личен придонес од возачите во заштита на животната средина. Секако, она што е најважно за граѓаните е дека плинот е најевтин и во ерата на поскапувања на горивата. Постојната цена на плинот во земјава е околу 53 денари, наспроти цената на бензинот која во моментов изнесува околу 90 денари за литар.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за константниот пораст на бројот на регистрирани возила во земјава, којшто само лани се зголемил за дополнителни 59.000 возила. Паралелно на ова, постојано се одолговлекува воведувањето на регулативата со која ќе се забрани увозот на возила во Македонија со под ЕУРО 5 стандард на емисии на гасови.

За разлика од европските градови, каде што веќе редовна пракса станува да се забранува движењето на постари возила барем во центарот на градовите, ваква пракса досега не е применета во ниту еден македонски град. Весникот Гардијан пишува дека зоните со ниски емисии на гасови веќе се воведени во 320 европски градови, а ваквата бројка е предвидено да порасне до 2025 година на вкупно 507 градови. Со оваа мерка веќе се опфатени европските престолнини Париз, Берлин, Брисел, како и поголемите градови во Велика Британија: Лондон, Бристол и Бирмингем.

За една година регистрирани дополнителни 59.000 возила на македонските патишта [инфографик]