Играта Marvel Tokon: Fighting Souls е тепачка игра на која работи најдоброто јапонско студио во светот Arc System Works за ваков тип на игри. Студиото претходно има работено на серијалите Guilty Gear и Dragon Ball FighterZ кои се многу популарни и се надградувани со години како дел од е-спортот.

Овојпат во соработка со Марвел, работејќи на верзии за PlayStation 5 и PC студиото доби шанса и креативна слобода да направи своја сопствена верзија на тепачка игра со Марвел ликови.

 

Играта има многу интересни движења и интересни механики. Во самата игра има комбоа и полначки комбинации за ултимативни испукувања удари со анимации. Но најинтересната механика на играта е што наместо претходни застапени формати како 2 хероја против 2 хероја со еден играч секој, или 3 против 3 менувачки карактери студиото Arc Systems Works одлучи да користи формат од 4 против 4 хероја.

Секој играч може да менува помеѓу 4 различни ликови во една рунда. Ова нуди поголема употреба на варитетот и зголемениот број на ликови во играта да дојде до употреблива фаза на разновидност во изборите. Иако навистина компетитивните играчи се навикнати да бираат ефикасни ликови без разлика на изгледот на суперхероите или карактерите.

Но секако учењето 4 херои не е задолжително, може сепак да се игра со еден главен суперхерој и без да менувате. Велат дека играта ќе биде балансирана доволно за контрирањето на хероите да не биде толку битно, иако е неизбежна и таа механика, еден суперхерој да е ранлив на друг суперхерој и друг лик да е „решение“ за одреден трет или четврт херој.

Четирите херои сами ќе ги избирате и можете да ги менувате кога сакате во текот на борбата што е многу слична по сетингот на Street Fighter, но сепак со драстично покул движења и анимации. Следното видео е поопширна презентација за тоа до каде е изработката на играта и како се започнало и како се одвива работата на играта: 

Македонските гејмери од сите генерации се добро запознаени со тепачките игри, каде повозрасните генерации (како Генерација X) ги играле и флиперските верзии на Стрит Фајтер, Мортал Комбат и Текен на вистински флипери, а помладите генерации (како „Миленијалс“ и „Генерација Z“) исто така имаат голем интерес од играње на ретро тепачки игри во доменот на „сивата зона“ на пиратирањето игри.

Тоа е на емулатори за флиперски тепачки игри од кои најкористен емулатор е „mame32“ и сајтовите за емулирање на Playstation 1,2 и 3 преку Download на Rom-ови за игри. 

Исто така вреди да се спомне и програмата Game Ranger каде може да се игра Мugen, игра што ги искомбинира сите можни ликови, херои и суперхерои од сите тепачки игри. Оваа употреба на „сивата зона“ за тепачки игри дојде до израз кај нас поради непостоење на друг вид на достапност или прескапи цени и реткост на конзоли и оригинални игри. И е начин и сцена што е активна и до ден денешен, не само кај нас туку и секаде во светот каде стандардите на живеење се пониски. И честа е појавата и на хостирање и стримање приватни турнири за тепачки ретро игри. 

Повозрасните гејмери играа тепачки игри повеќе офлајн и дома со двајца играчи на една тастатура и поретко со контролери, додека помладите генерации играат повеќе со контролери -џојстици (и за компјутер) и повеќе играат онлајн од дома со други играчи ширум светот. 

Исто така интересно е да се знае дека во неколку кафулиња во Скопје има флипери што личат како ретро флипер со класични рачки и копчиња и дрвена кутија со екран, но со нова технологија во кутиите и се нуди голем избор на скоро сите тепачки игри, за ретро гејмерите. Според последни информации такви активни флипери има во Дебар Маало во кафулето на „Кино Карпош“ и во барот „Че“ до локацијата на некогашната „Универзална Сала“.

Сите следбеници и љубители на овој жанр на тепачки игри со нетрпение го очекуваат излегувањето на играта Marvel Tokon: Fighting Souls која што е најавена дека ќе излезе во текот на 2026 година.