На три недели пред почетокот на учебната година, средните стручни училишта во Штип немаат информација дали ќе работат по новата реформирана програма. Од досегашните информации се знае дека ќе преовладуваат практични часови, во сооднос два практични спрема еден теоретски час. Меѓутоа, засега нема детали каде би се одвивале практичните часови – во училиште или во реалниот бизнис сектор.

Ако би се одржувале во училиште, се поставува прашањето како ќе се набави опремата која секое училиште ќе треба да ја поседува според струките и профилите што ги образува. Одговорните од штипските средни училишта сметаат дека оваа дилема треба брзо да се реши.

Во средното електромашинско училиште СОУ „Коле Нехтетин“ во Штип наставниот кадар сè уште е на одмор. Директорот Дејан Павлов очекува по 12-ти август да имаат попрецизни информации.

– Немаме конкретни информации дали ќе почне наставата според реформираната наставна програма. На сајтот на Бирото за развој на образованието објавени се новите наставни програми, меѓутоа, официјално од Министерството за образование и наука (МОН) немаме информација. Секако дека ни требаат подготовки – вели Дејан Павлов, директор на ЕМУЦ.

Ова училиште склучило меморандуми за соработка со неколку компании кои работат во Штип, но, како ќе се реализираат ќе зависи од насоките од МОН.

Информациите за реформите во средното стручно образование ги следи и бизнис секторот. Текстилниот кластер, кој само во Штип обединува осумдесетина фирми, со години заговара вистински реформи и поблиска соработка со средните стручни училишта. Од Кластерот сметаат дека премногу се доцни со реформите. Во меѓувреме, фирмите останаа без обучен кадар.

– Реформите ги дискутиравме уште пред две години со тогашната министерка за образование Рената Дескоска. Таа беше подготвена да ги вгради нашите потреби во планираните реформи. Меѓутоа, со нејзиното заминување од ресорот, заврши и комуникацијата со министерството – посочува Венцо Филипов од Текстилниот кластер.

Од штипскиот бизнис сектор направиле уште еден обид и во март годинава, на состанок на Стопанската комора на Источниот регион, ги поканиле директорите на средните стручни училишта. Токму тој ден во Штип дошол премиерот Зоран Заев и ниту директорите ниту нивни претставници се појавиле на состанокот.

-Ние сме подготвени да влеземе во тој систем на реформи. Ако треба и низ законско решение нека се задолжат фирмите да учествуваат во тој проект, при што за возврат може да добиеме олеснувања. Факт е дека ни требаат работници, што може да ги добиеме и на ваков начин преку обука во текот на образованието – дециден е Филипов.

Од научната фела имаат многу забелешки на начинот на кој се одвиваат реформите во образованието. Професорот Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки (ФОН) од Штип, вели дека сите промени или обиди за реформи се парцијални и биле во насока на внатрешни краткорочни поместувања.

Не сакам да бидам песимист, но ваквиот пристап е сериозен показател дека нема да има реални, суштински промени. За да се случи промената таа прво треба да ја видиме ние наставниците, факултетите кои образуваат идни и сегашни наставници, родителите. Кога се носи закон или кога се прави реформа, која би требало да биде во заеднички интерес на подобрување на системот и ако притоа деканите на факултетите што образоваат наставници, раководителите на институтите, училиштата, експертите, професорите, наставниците, родителите, не стојат заедно со министерот на прес – конференцијата кога ќе се објави, објаснува и брани новиот закон или реформа, тогаш нешто сериозно е згрешено – вели Барбареев.

Професорот забележува дека проблем е што во реформи се тргнува без информации за тие што треба да ги изведуваат – наставниот кадар.

Како може оние за кои се однесува реформата, оние што треба најмногу да веруваат во новото решение, да не се тука и да не се запознати или за тоа да знае само еден мал дел од системот – вели професорот Барбареев.

Училиштата реагираат дека иако за реформата за стручното образование се зборува веќе две години, пак ќе останат само неколку дена за подготовка пред септември.