Еуростандард банка | Фото: Арбнора Мемети

Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, ММФ, Антони Де Ланој, член на Извршниот одбор на ММФ, задолжен за Северна Македонија, оцени дека Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ) постапила правилно во врска со одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка и ставањето во стечај. Тој тоа го истакнал на состанокот со тимовите на НБРСМ и Министерството за финансии, одржан во рамките на годишните средби на ММФ и Светската банка, со фокус на состојбите во банкарскиот систем.

„Народната банка е професионална и независна институција, која при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Одземањето на дозволата на Еуростандард покажува дека НБРСМ е подготвена да преземе навремени, корективни, супервизорски активности, за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем“, истакна Де Ланој.

Тој, како што стои во соопштението на НБРСМ, посочил дека обидите за политизирање на активностите и одлуките на НБРСМ, се ризик за загрозување на нејзината независност.

„Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството“, изјави Де Ланој.

Според него, шпекулативните и неточните јавни изјави од некои засегнати страни, во врска со работењето на НБРСМ, може да имаат сериозни штетни ефекти кои можат да ја доведат во опасност стабилноста на финансискиот систем, особено во време на глобална криза, кога ММФ го оценува македонскиот финансиски систем во целина како стабилен.

Тој додал и дека банките во Северна Македонија, во моментов се добро капитализирани, мерено според адекватноста на капиталот на системот, којашто е повеќе од двојно повисока од минималните регулаторни барања, согласно глобално прифатените стандарди на Базел III, како и дека стабилниот банкарски сектор ќе биде силна основа за раст на економијата во посткризниот период.

Во врска со случајот Еуростандард банка, пак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска до Собранието ќе достави барање за спроведување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај. Пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека иницијативата е поддржана од целата опозиција – од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и Левица.

Според него, тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека банката свесно е доведена во стечај со одлевање на големи суми на пари преку кредити, без покритие, за финансирање на фирми од Струмица, блиски до семејството Заеви, ги потврдил сопственикот на Еуростандард, кој јавно објавил и дел од фирмите, каде завршувале парите од оваа банка, без покритие за кредитите, односно биле банкротирани.

„Ова е криминал од 200 милиони евра, каде се оштетени се 100.000 граѓани. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа, на која ќе бидат повикани сите релевантни чинители, гувернерката на НБРСМ, сопственикот на банката, оштетените штедачи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање и ЈО“, изјави Јованчев.