Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд, ММФ, синоќа донесе одлука за одобрување на итна, неповратна финансиска помош од 215 милиони долари за 25 сиромашни земји, со цел да им помогне во намалување на задолженоста и за поуспешно справување со пандемијата на Ковид19. Средствата ќе бидат пренаменети од фондот за контрола и ублажување на последиците од катастрофата, ЦЦРТ.

Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави дека на земјите ќе им биде исплатена неповратна помош заради полесно сервисирање на нивниот долг кон Фондот, во текот на наредните 6 месеци, иницијално, за да можат своите државни буџети да ги насочат кон виталните здравствени и други потреби.

Фондот има намера да го зголеми расположивиот износ на 1,4 милијарди долари. Таа додаде дека ЦЦРТ располага со средства од околу 500 милиони долари, вклучувајќи ги и најавените уплати од 185 милиони долари од Велика Британија, 100 милиони долари од Јапонија како и уплатите од Кина, Холандија и други земји, не откривајќи ги нивните износи.

„Кина и Холандија исто така, се обврзаа дека ќе издвојат поголеми износи. Ги повикувам и другите донатори да ни помогнат во собирање на средства за да им помогнеме на најсиромашните членки на ММФ, да го намалат дополнително својот долг за цели две години“, рече Георгиева.

Oколу 215 милиони долари се планира да бидат потрошени како неповратни средства за првите 25 земји во наредните 6 месеци, а ММФ навести дека има можност за продолжување на овој рок, до две години.

Првите земји кои ќе добијат грантови за покривање на долгот од ЦЦРТ се: Авганистан, Бенин, Буркина Фасо, Централноафриканската република, Чад, Комори, Конго, Гамбија, Гвинеја, Гвинеја Бисао, Хаити, Либерија, Мадагаскар, Малави, Мали, Мозамбик, Непал, Нигерија, Руанда, Свети Том и Принцип, Сиера Леоне, Соломонски острови, Таџикистан, Того и Јемен.