ММФ оцени дека банкарскиот систем е добро капитализиран и профитабилен

Фото; НБРСМ

Народната банка на Северна Македонија, НБРСМ, треба да презема навремени супервизорски активности за да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем и поради тоа е од суштинска важност да се зачува нејзината независност. Тоа ќе ѝ овозможи на централната банка и понатаму да ги остварува своите задачи за одржување на ценовната стабилност и за заштита на финансиската стабилност, кои што се круцијални предуслови за одржлив раст.

Ова го истакна шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Баркбу, во изјавата по годишните редовни видео конференциски состаноци што се одржаа во периодот од 9 до 18 ноември и на кои се разгледаа најновите случувања во економскиот и во финансискиот сектор, како и економските изгледи, информираа од НБРСМ.

„Релаксираната монетарна политика е соодветна и НБРСМ е подготвена да дејствува соодветно за да го заштити де-факто фиксниот курс на денарот“, оцени Баркбу.

Таа истакна и дека според оцените на мисијата на ММФ, вкупниот банкарски систем и понатаму е добро капитализиран и профитабилен.

„Од голема важност е да се одржат строги правила за класификација на кредитната изложеност и за издвојување резервации за кредитите, со цел да се осигура дека банките имаат доволно резерви за покривање на потенцијалните загуби. Банките би требало да се охрабрат да се воздржат од дискреционо исплаќање дивиденди и од откуп на сопствени акции“, порача шефицата на ММФ.

Од мисијата на ММФ истакнуваат дека се очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.

„Според оценките на мисијата на ММФ, соопштени во изјавата на Баркбу, потребно е и натаму да се одржува релаксирана монетарна политика сѐ додека процесот на закрепнување е во тек. Истовремено е напоменато дека издвојувањето на соодветни резервации за потенцијални загуби на банките, останува од клучно значење“, се вели во соопштението на НБРСМ.