Младите во „Бостание“ може да научат како се садат градинарски култури, но и самите да се испробаат [фото]

Општествената градина „Бостание“ фотографирана со дрон; Фото: Мета.мк

Во паркот во населбата Ново Лисиче, позади автобускиот терминал на „5-ка“, 50-тина ентузијасти веќе втора година по ред ја одржуваат општествената градина „Бостание“. Сите заинтересирани граѓани, вклучувајќи ги и младите лица, на овој простор преку обуки и работилници може да научат како се градинари и компостира, како да се заштитат и прихранат растенијата, но можат и директно да посадат градинарски растенија во засебни леи.

„Бостание“ е официјално отворено во август 2021 година, а Димитар и Александар од граѓанската организација „Зелената арка“ велат дека имале двегодишни подготовки за нејзиното отворање, зачнувајќи ја идејата во практична реализација во втората половина од 2019 година. Заедничката работа на вклучените граѓани зазема централно место во функционирањето на општествената градина.

Општествената градина „Бостание“ во населбата Ново Лисиче; Фото: Мета.мк

„Во текот на секоја етапа од изведбата на градината учествуваа градинарите со свој личен придонес, заедно ги уредувавме површините, заедно ја поставувавме оградата, и на тој начин секој од учесниците може да се чувствува дека припаѓа тука и дека има свој удел и да го почувствува како свое“, раскажува за Мета.мк Димитар Самарџиев од „Зелената арка“.

Тој упати порака до сите заинтересирани млади лица дека секој што посакува да градинари или допрва да научи како се градинари, може да учествува во општествената градина „Бостание“, со тоа што има два начина како да го направи тоа.

„Едниот начин е ако сака да се посвети во текот на цела градинарска сезона, цела календарска година на определено место, со тоа што ќе се пријави на онлајн пријавата што е достапна за сите“, вели Димитар, потсетувајќи дека во овој случај ќе треба посветеност за да се одгледаат градинарските култури од садење до берење на плодовите.

Една од засадените леи, која ја одржуваат вклучените граѓани во „Бостание“; Фото: Мета.мк

Другиот начин е ако некој може повремено да учествува во општествената градина „Бостание“, а не е во можност да посвети време често на определено место да градинари. Сите заинтересирани може да учествуваат во заедничките делови од градината, како што е образовниот дел со показни подигнати леи или да им помага на другите градинари.

„Има и многу активности што може не се на прв поглед градинарски, но многу помагаат во развојот на градината. Во таа насока, и за младите е соодветно место каде што можат да научат основни животни вештини – како да си одгледаат самите храна, затоа што градинарството подразбира одгледување пред сè на јадливи плодови“, објаснува Димитар.

Во „Бостание“ си имаат подготвено и компост за градинарските култури; Фото: Мета.мк

Многу важен момент во „Бостание“ е и дружбата, запознавањето на луѓе на различна возраст, со различни култури и искуства, кои не само што можат да помогнат во одгледувањето на градинарските култури, туку и да стекнат нови животни искуства, а претстојниов период од „Зелената арка“ најавуваат и можност за организирање на филмски проекции на отворено на локацијата.

Покрај пополнувањето на он-лајн пријавата, сите заинтересирани што сакаат да градинарат во „Бостание“ како предуслов треба да ги прифатат 25-те основни правила што ги има во градинарскиот ред, односно истите да ги почитуваат и во текот на градинарењето.

„Ние се обидовме да ги прецизираме, што е можно појасни да бидат и попрости и се однесуваат на секојдневните активности што се потребни за да се одржува и развива градината. На месечно ниво правиме координативни градинарски состаноци, каде ги разгледуваме тековните состојби, кои предизвици може ги имаат градинарите, што е следно што треба да се организираме како група и да го направиме заедно и грижата за целиот простор, споделената одговорност за одржувањето на градината како целина, а не само посветеноста на определена леа или парцела“, појаснува Димитар Самарџиев од „Зелената арка“.

Тие објаснуваат дека сезонава досега веќе имале насадено кромид, салати, лук и блитва, а во моментот на нашата посета забележавме дека се засадени јагоди, домати, пиперки, краставици и модар патлиџан.

Во куќарката што се наоѓа во градината е подготвен и расадот за претстојнава сезона; Фото: Мета.мк

„Може да забележите тука разновидност на мал простор, тоа и го охрабруваме, да не се фокусираат луѓето само на моно-култура, туку да се обидеме да развиваме растителни друштва што се надополнуваат по својствата и потребите за растеж и развој“, вели Димитар.

Сепак, во „Бостание“ сезонава се одгледуваат и поегзотични растенија, како што се перуанската јагода, куркума и други култури кои не се вообичаени за земјава. Доколку некој од заинтересираните лица сака да одгледува растенија кои не се вообичаени за ова поднебје, тоа може да го направи ако има изгледи да произведат плод и семе за наредната година, но притоа да не бидат инвазивни растенија за околната средина.

Александар и Димитар од „Зелената арка“ во општествената градина „Бостание“; Фото: Мета.мк

Покрај тоа што 50-тина луѓе се активно вклучени во градинарењето, за време на викенди доаѓаат и повеќе луѓе, често и семејства и групи на пријатели. Во текот на работните денови, најчесто се присутни во градината попладне или рано наутро. Општествената градина „Бостание“ е создадена како резултат на проектот финансиран од Град Скопје со наслов „Развој на прва урбана градина во Град Скопје“, кој го изведува организацијата „Зелената арка“. Тие се надеваат дека градинарењето ќе се рашири како култура во Градот Скопје, па и во другите градови.

„За младите пораката би била дојдете да градинариме заедно, тука претпоставувам дека ќе најдете убави услови за градинарење и за дружба, тоа е поентата на градината“, вели Димитар.

 

Пишува: Бојан Блажевски