Младите согласни дека недостасува енергијата на дружбите во живо преку Еразмус+ размените

Волонтерите од НЕЛ на работилница во Дојран / Фото: НЕЛ

Пандемијата ги затвори границите, а со тоа се одложија и патувањата на младите коишто со Еразмус+ размените имаа можност да патуваат во странство. Младинските организации беа принудени работата да ја извршуваат од дома, а голем дел од активностите, особено интернационалните ги одложија на неодреден временски период. Иако работните задачи добија нов облик, младите се согласни дека недостига блискоста на дружбите во живо што се реализираат преку Еразмус+ размените на млади.

Маријана Богдановска / Фото: лична архива

„И покрај тоа што ете, се увиде дека постои можност некои проекти да се одржат онлајн, сепак сите знаеме дека духот на Еразмус+ е дружбата, споделувањето искуства, запознавањето нови луѓе, култури итн. За жал, токму на првиот состанок што го организиравме откако настана ситуацијава се осети таа поинаква атмосфера. Иако дружба секако имаше, сепак се чувствуваше дека нешто недостасува. Но, што е тука е, сепак здравјето на сите нас е она што е најважно во моментов“ изјави за „Мета.мк“, Маријана Богдановска, координатор на волонтери во Асоцијацијата за напредок, едукација и лобирање – НЕЛ Скопје.

Таа вели дека допрва ќе се гледаат последиците од пандемијата, односно сите тие дружења и настани нема да бидат како порано, барем не во некое догледно време.

„Токму предминатата недела го организиравме првиот настан откако настана целава ситуација. Состанокот првично беше планиран да се одржи во Португалија, но поради построгите мерки за патување во странство што ги имаме ние како држава, решивме да го одржиме кај нас, во Дојран. За среќа времето нè послужи, па, така, речиси сите активности се одвиваа на отворено, со почитување на сите мерки за заштита“, потенцира Богдановска.

Од организацијата Младински Совет Нова Генерација сметаат дека ако продолжи ситуацијата со ковид-19, Еразмус+ размените ќе се одвиваат на виртуелен начин, со што ќе добијат нов облик преку употреба на онлајн методи и алатки за неформална едукација. Но, сепак тие се надеваат на спротивното, дека што поскоро размените ќе продолжат со средби во живо, кои и првенствено се базирани на мобилност на млади низ европските држави.

„Од средината на март па се до ден денес не сме реализирале ниту една Еразмус+ младинска размена, иако имаме сознанија дека некои организации од Европа се адаптираа на ситуацијата со ковид-19 пандемијата и одржуваа виртуелни размени. Меѓутоа, токму поради фактот дека овој виртуелен начин на реализација на размени ја елиминира можноста за интеркултурна дружба во живо, а којашто е есенцијален дел од учењето и здобивањето на вештини, сметаме дека ваквите виртуелни размени немаат ни приближно ист ефект и е практично невозможно да ги остварат предвидените цели и резултати“, велат од „Next generation“.

Поради таа причина, тие одлучиле да ги одложат размените сè додека не се создадат услови за нивна реализација во живо, но доколку истото не започне да се случува и следната година, постои можност да започнат со реализација на виртуелни младински размени, со цел прилагодување на ситуацијата.

Волонтерите од Next Generation на Еразмус размена пред почетокот на пандемијата / Фото: Next Generation

Бидејќи Младински Совет Нова Генерација главно работи со реализирање на проекти од интернационален карактер поддржани од Еразмус+ програмата, во коишто се вклучени организации и учесници главно од Европа, но и од светот, нивните активности во изминатите месеци биле сведени на минимум.

„Имајќи предвид дека доаѓа зимски период во којшто според предвидувањата постои можност да се ограничат личните контакти и средбите на отворено, нашата стратегија е да се посветиме повеќе на реализација на онлајн активности преку користење на видео комуникациски алатки“ велат тие.

И Андреј Наумовски, проектен координатор во Волонтерскиот Центар Скопје (ВЦС), вели пандемијата несомнено влијаела врз нивната работа. Засега не организираат групни активности, односно размени на млади од 5 до 7 дена, каде што има претставници од повеќе земји, со цел да се избегнат групни собири.

„Што се однесува во тековната работа во ВЦС, волонтерите коишто беа тука на престој, решија да останат, со надеж дека ситуацијата ќе се смири побрзо. Волонтерите за списанието Воисес работеа од дома, а работилниците во средните училишта, како и настаните каде што волонтерите ќе може да се запознаат со нашата култура, беа откажани. Ги оставивме на почек за подобро и посигурно време“ вели тој.

Волонтерите од ВЦС со нивното списание Воисес / Фото: Архива на Волонтерски центар Скопје

Кога станува збор за индивидуалните активности, како волонтирање на подолг рок од 2 до 12 месеци, Андреј вели дека тие сега се актуелни, бидејќи со нив се избегнуваат собири, односно волонтерот оди во држава каде што ќе престојува неколку месеци. Тој вели дека во моментов во ВЦС има волонтери кои заминале на една година во Литванија, на 10 месеци во Португалија, Бугарија, Турција, а исто така очекуваат и кај нив да дојдат волонтери кои би престојувале на подолг рок.

„Индивидуалните активности на подолг рок биле, се и ќе бидат тука. Јас на нив гледам како можност секој млад човек да се спознае повеќе себеси на место каде што ќе има простор за личен развој и напредок. Групните активности пак, ќе останат и понатаму, сметам дека ќе нема голем дополнителен застој“ смета Наумовски.

Како што вели тој, поради пандемијата ќе се измени начинот на којшто се гледа на нив, како тие ќе се одвиваат, но и пред се, како ќе се однесуваат учесниците.

„Организаторите тука ќе имаат голема одговорност и предизвик како да ги реализираат, да ја најдат „златната средина“ за да се одржи хемијата што ја имаат средбите во живо, а паралелно да се испочитуваат протоколите и мерките што ги наметнаа новите околности со пандемијата“ потенцира Наумовски.

На ова се надоврзува и францускиот волонтер, Жул Штрифлер (28), кој преку Еразмус+ размена на млади што ја организира ВЦС дошол на престој во Скопје, непосредно пред да започне пандемијата со корона вирусот. Како што вели тој, поради корона вирусот животот станува покомплициран, но е воодушевен од своите супервизори и колеги како заедно успеале да се прилагодадат на промените во овој период.

Жул Штрифлер / Фото: лична архива

„Бев многу среќен кога ја добив веста за позитивниот исход на моето барање за едногодишна мисија во Скопје! Тука пристигнав на почетокот на февруари, уживајќи неколку недели во реалноста за која не бевме свесни дека ќе бидеме принудени да ја оставиме зад себе на неопределен период. Се трудиме како тим да најдеме начини да ја одржиме и зајакнеме плодната динамика во рамките на нашата организација. Не можев да го поминам времето во подобра средина, и за ова, би сакал да му се заблагодарам на целиот тим на ВЦС“ додава Штрифлер.

Да се биде настрана од дома на подолг период не е новост за Штрифлер. Во последните пет години тој студирал и работел во Босна и Херцеговина, Австралија и Германија, па поради тоа, за него дистанцата од дома во услови на пандемија, како што вели тој, не е проблем ако се земе предвид комуникацијата што ја овозможуваат современите алатки.

Засега дел од проектите на организациите се „на пауза“, а на организаторите и волонтерите не им преостанува ништо друго освен да се прилагодуваат на актуелната ситуација, воедно чекајќи го својот безбеден момент кога групните собири и работилници нема да бидат опасност по нивното здравје, туку напротив, нова шанса за напредок во личниот развој и запознавање на туѓите култури.