Поддршката за членство на Македонија во ЕУ е сè уште голема и непроменета во споредба со март 2014 година. Сепак, факторот „промена на името“ на државата кај значителен дел од граѓаните е влијателен при нивната поддршка за европскиот интеграциски процес, покажува новата теренска анкета за интеграцијата на Макеоднија во ЕУ, што ја изработи Институт за демократија „Социетас цивилис“.
Според анкетата, мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ без отстапки за името на државата (58,8 проценти), додека близу една четвртина поддржуваат влез дури и со отстапки за името (23,8 проценти). Мал дел воопшто не го поддржува членството на Македонија во ЕУ (13,6 отсто).
Најголем број испитаници сметаат дека Македонија малку или воoпшто не напреднала (вкупно 57,3 проценти) во ЕУ-интеграциите, а мнозинството граѓани сметаат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ. Овој став е најраспространет кај младите помеѓу 18 и 29 години. Во споредба со 2014 година, оваа година се бележи пораст на мислењето дека главната причина зошто Македонија сè уште не е дел од ЕУ е неостварувањето на домашните реформи.
Анкетата е направена во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“.