Младите против насилство: За успешна превенција од радикализација неопходен е поттик на талентите на младите

Фото: Мета.мк

Во светот сè уште се соочуваме со безбедносни предизвици. Подрачјето на Балканот, поготово на Западен Балкан е подрачје кое традиционално се соочува со одредени безбедносни проблеми. Не може да збруваме само со верски екстремизам, туку и со етнички екстремизам, а во некои случаи и со десничарски екстремизам. Значи мора да работиме на превенција, а за тоа да го постигнеме неопходен е поттик на талентите на младите, рече Националниот координатор на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостоловски на денешната церемонија на потпишувањето на меморандумите на проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“.

Покрај Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот на платформата Младите против насилство се приклучија и Агенцијата за млади и спорт, средните училишта „Зеф Љуш Марку“, „Кочо Рацин“ и „Марија Кири – Склодовска“ од Скопје како и општините Чаир и Центар.

„Жално е што насилството постојано го менува обликот и навистина ситуацијата е алармантна. Различни се причинителите за насилството, а сега како фактор плус е и пандемијата поради која младите останаа затворени дома и се полни со агресија и незадоволство. Затоа, нужно е да ние што сме директно инволвирани со младите несебично да се вложиме“, порача директорката на гимназијата „Кочо Рацин“, Благица Павловска.

Директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски изрази поддршка на иницијативата нагласувајќи ја потребата преку нивната вклученост да придонесат и за намалување на насилството меѓу младите, како и во спортските активности.

„Вклученоста на Агенцијата за млади во овие активности е од исклучителна важност, затоа што на навивачки натпревари се случува насилство и ние сакаме да превенираме и да го намалиме во тој дел насилството и екстремизмот. Сведоци сме на немили настани, дали по етничка или друга основа, сакаме да го спречиме и да помогнеме младите да не бидат дел од тие случувања“, рече Директор на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски.

„Меморандумот се потпиша во насока на институционална поддршка и промоција на проектот. Воедно, со оваа активност се создаваат услови за сегашни и идни соработки при обезбедување на подобри услови за живот и развој на младите, обезбедување на стабилно општество отпорно на радикални наративи и говор на омраза, како и промоција на позитивни вредности за изградба на психофизички здрава младина“, изјави Валерија Соколова – Стојановска, Директор на проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство).

Проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство) чија цел е развивање на граѓанска едукативна платформа за млади, дизајнирање на мотивирачки наративи и алтернативни наративи за граѓанско образование, како средство за спречување на радикализацијата на младите, го предводат организациите Здружение на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), НЕКСУС – Граѓански концепт, Здружение за развој и активизам АКВА, Струга и Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД). Проектот е финансиран од Европската Унија.