Македонското здружение на млади правници (МЗМП), со финансиска поддршка од Европската Унија, започна со спроведување на нова иницијатива насочена кон сеопфатно унапредување на правдата за децата во Северна Македонија. Проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“ ќе се реализира во периодот од јануари 2025 до декември 2026 година и опфаќа активности во три стратешки насоки: зајакнување, следење и застапување.
Клучен фокус на проектот е обезбедување бесплатна правна помош за деца во ризик, деца жртви и деца сторители на кривични дела, со цел реална примена на Законот за правда за децата. Ќе се обезбеди и правно застапување за деца во полициски постапки, особено кога има пречки за доделување државен адвокат, како и едукативни програми за животни вештини во установи за ресоцијализација.
Во рамки на компонентата за следење, проектот ќе анализира како се применуваат постоечките закони кои ги засегаат децата – како што се Законот за правда за децата и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство – со цел да се идентификуваат слабостите во системот и да се дадат препораки за подобрување.
Дополнително, МЗМП ќе соработува со Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, нудејќи поддршка во развој на индикатори за следење на законската примена и за подготовка на годишни извештаи и предлози за политики засновани на податоци.
Во компонентата за јавни политики и застапување, ќе се работи на:
- проценка и предлози за подобар пристап до образование во институции за деца;
- подготовка на документ за јавна политика за воведување на Барнахус моделот – мултидисциплинарен пристап за заштита на децата жртви на насилство;
- организирање на средби меѓу судии и стручни служби за унапредување на судската пракса во случаи со деца;
- техничка поддршка за изработка на локални акциски планови во општините Пробиштип, Бутел и Охрид, вклучително и модел за менторство во локалните совети.
„Нашата цел е да изградиме систем кој не само што ќе ги штити правата на децата, туку и ќе ги прилагоди правосудните постапки на нивните потреби. Секое дете заслужува достоинствен третман и еднакви шанси,“ велат од МЗМП, повикувајќи ги сите релевантни актери – институции, професионалци и граѓански организации – да се вклучат активно во трансформацијата на правдата за децата.