Младите од четири општини ги доставија нивните проекти за зелени општини за 2023 година

Нови паркови, екоработилници за климатски промени во училиштата, еко-акции во училиштата, повеќе велосипедски патеки, засадување на дрвја, субвенции за набавка и поправка на велосипеди, се само дел од десетиците проекти коишто младите од четири општини во земјава – Аеродром, Чаир, Кисела Вода и Куманово ги предложија како барања за зелени проекти поднесени до општините што би се реализираше догодина, информираат од организацијата Гоу Грин.

Вчера се одржа завршна панел-дискусија на проектот „Младински екоактивизам за зелени општини“, на која младите заедно со градоначалниците на Чаир, Висар Ганиу, на Аеродром, Тимчо Муцунски и на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски ги споделија новите зелени барања од младите до општината.

„Барањата ги собиравме од младите, за тоа што тие сакаат да видат како зелена промена во нивната општина. Потоа, со тимот и заедно со општините Аеродром, Чаир, Кисела Вода и Куманово ги избравме оние кои се во надлежност на општините и кои имаат најмногу шанси за реализација во идната година 2023. Овој процес го правиме со цел младите да бидат конструктивни во нивните критики, да се зајакне младинската инфраструктура на локално ниво и да имаме активно учество на младите во донесувањето на одлуките на локално ниво“, изјави Арта Ќерими, проектен координатор во Гоу Грин Скопје.

Чаирскиот градоначалник Висар Ганиу изјави дека младите се столбот за напредна општина со јасна визија за иднината.

Градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски рече дека младите се најголем партнер на општините и институциите на државата и затоа е потребно да вложиме напори за нивно вклучување во процесот на креирање политики и изнаоѓање на решенија за сите предизвици со кои се соочуваме.

„Општината е секогаш отворена за младински барања, и овој процес го поддржуваме затоа што сакаме да ги вклучиме и младите“, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Од Гоу Грин велат дека со оваа соработка креирале мост помеѓу младите и општините и останува да се следи заеднички реализацијата на овие барања.

„Локалната климатска акција е од суштинско значење во борбата со климатските промени, а младите се една од ранливите групи на последиците од климатските промени – затоа тие мора да бидат активни и да влијаат на општинските политики. Моментално само десетина локални младински совети се формирани, од вкупно 81 на ниво на држава. Овие совети се претставничкото тело на младите, гласот за нивните потреби и визии во општината. Но за тие да се формираат, потребно е младите да се запознаени со овие процеси и да сакаат да придонесат во нивните локални заедници“, изјави Мила Јовановска, претседателка на Гоу Грин Скопје.

Инаку, од Општина Аеродром собрани се 11 младински барања за зелена општина, меѓу кои се и нови паркови во Стар Аеродром и кај ПСС и еко работилници во училиштата за климатски промени, екоактивизам и отпад.

Во Општина Чаир, има 12 младински барања за зелена општина, вклучувајќи и велосипедски патеки во населбата Топанско Поле, урбани градини во училиштата и засадување на дрвја со имиња на деца од различни населби.

Во Кисела Вода, младите од општината имаат девет барања што би се реализирале догодина. Некои од нив се изведба на општинска компостара за органски отпад од лисја и парк во Пржино.

Младите од Куманово упатија десет барања до општината, а меѓу нив се и барањето за субвенции за поправка на велосипеди и за акција – садник за секое домаќинство во градот.