Младите најмногу сакаат да студираат за информатичари и лекари, најмалку за уметници [инфографик]

Photo by javier trueba on Unsplash

Бројот на лицата кои се запишуваат на факултетите и на високите стручни школи во државата се намалува, а младите најмногу сакаат да учат за електроничари, информатичари и математичари, најмалку за уметници. Тоа го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Притоа, факултетите за информатика, медицински и економски науки привлекуваат најголем број на студенти на првиот циклус на студии.

Според нив, во академската 2020/2021 година се запишани вкупно 50.881 студент на додипломски студии на високите школи и на факултетите, што е намалување за 1,7 отсто, во однос на академската 2019/2020 година.

Најголем интерес за студирање во изминатава академска година имало за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, каде биле запишани 3.800 студенти на додипломски студии. По него, следуваат трите медицински факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот во Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде вкупно имало 8.196 студенти на додипломски студии. Петти на листата на „ТОП 5“ факултети со најмногу студенти е Економскиот факултет при УКИМ со 2.259 студенти.

Во исто време, во академската 2020/2021 година најмал интерес за студирање имало за Факултет за драмска уметност, каде се запишале 67 студенти, за ликовна уметност, со запишани 124 студенти, и за музичка уметност каде се запишале 282 студента, при што сите редовни студенти.

Најголем број студенти, 83,8 отсто, се запишани на државните високообразовни установи, покажуваат статистичките податоци, додека 15,5 отсто на приватните високообразовни установи.

Во прва година на студии во академската 2020/2021 година, запишани се 12.365 студенти или 24,3 отсто (опфатени се и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќе пати).

Од запишаните 42.631 студенти на државните високообразовни установи, како редовни студираат 39.000 лица. Додека на приватните се запишани на додипломски студии 7.905 студенти, од нив како редовни се 6.745.

Од државните, најголем е бројот на запишани студенти на УКИМ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се запишале 22.489 студенти, од кои редовни 21.388. А, од приватните, најмногу запишани студенти, 2.024, има на Меѓународниот балкански универзитет-Скопје и на Југоисточно европскиот факултет во Тетово – 1.660.