Младите на Social Day собраа фонд од 95.000 денари, следи реализација на три проекти

Фото: Мета.мк

Средношколците и студентите од прва година на факултетите на првиот Social Day што се одржа во Македонија успеаја да соберат 95.000 денари во младинскиот фонд, којшто ќе биде искористен за реализација на три младински проекти во следните три месеци. На Social Day, којшто се одржа на 10 ноември годинава, 80 млади работеа на работни позиции во 30 различни компании од земјава и успеаја да го соберат фондот за реализација на три проекти, кои викендов беа избрани на хакатон – „Академско катче“ и „Проактив“ во Скопје и „Младинско катче“ во Радовиш.

Тимот „Младинско катче“ го претстави својот проект; Фото: Мета.мк

Трите тима од Скопје и Радовиш во наредните три месеци ќе работат на реализација на нивните конценциски решенија и ќе имаат рок до 10 март 2022 година за да ги реализираат истите, а нивната презентација е планирана за 11 март догодина.

Денеска се одржа завршниот настан за доделување на благодарници младите и компаниите кои учествуваа на Social Day, а настанот се случи месец подоцна откако беа собрани податоците, беа најдени младите и беше финализиран фондот.

„Тие направија навистина интересен ден им овозможија на младите наместо да одат на училиште, да работат тој ден, и потоа заработената дневница да ја насочат во младинскиот фонд“, изјави координаторката Софија Стојановска од Здружението на граѓани Младите можат.

Целта на Social Day им била со формирањето на младинскиот фонд, но и со кариерно насочување на младите и поврзување на бизнис секторот со младите, да се создаде општествена одговорност кај нив, вели Софија.

Младинскиот фонд е планирано од година во година да се зголемува, заедно со реализацијата на Social Day и во наредните години во Македонија. Оваа година концептот беше промовиран како ден кога може да проработиш на својата кариера.

„Самиот ден и проектите што сега ќе се одвиваат ќе бидат на еден начин поврзани со тоа како младите мислат дека можат да испромовираат подобрување на образованието и кариерното насочување на младите кај нас“, појаснува Софија.

Софија Стојановска од Младите можат; Фото: Мета.мк

Избраните проекти што ќе се реализираат се направени од младите коишто учествуваа на Social Day годинава, од коишто беа формирани три тима, со вкупно 16 млади коишто ќе работат во нив.

Тимот „Младинско катче“ од Радовиш во склоп на средното училиште во градот ќе опреми едно катче за млади, коешто ќе биде центар за дружење и личен раст и развој на младите. Нивната замисла е таа просторија да ја искористат, кога губат школски час, да доаѓаат и со помош на интерактивни помагала да работат или да се дружат. Покрај тоа, после часови тој простор ќе биде користен за работилници за нивен личен раст и развој.

Вториот тим е од Скопје, којшто ќе го реализира проектот „Академско катче“ и во него учествуваат средношколци од училиштата „Орце Николов“ и „Здравко Цветковски“. Младите сакаат да направат катчиња за туторство во овие средни школи, каде што ќе можат меѓусебно да си помагаат за предметите на коишто им треба повеќе помош за учење во текот на нивното образование.

Сакаат да направат програми и да овозможат простории во склоп на самото училиште, каде што ќе можат после часови еден ученик, кој е на пример подобар во математика или биологија, да дава туторски часови на останатите средношколци. Преку младинскиот фонд, овој тим сака да обезбеди и материјали (микроскопи, епрувети и слично) преку кои ќе можат да прават експерименти и да научат повеќе во рамките на конкретни училишни предмети.

Тимот „Проактив“ го претстави својот проект; Фото: Мета.мк

Третиот проект е насочен кон личен раст и развој, каде што тимот „Проактив“ од Скопје ќе организира повеќе работилници со различни експерти во трите месеци. Ќе може секој заинтересиран да ги следи ваквите настани, вклучувајќи работилници за да можат младите да се запознаат самите себеси до тоа како можеш да работиш на својата кариера или што е тоа на кое треба лично да се посветиш за да ги развиеш своите вештини.

Инаку, дел од компаниите што земаа активно учество на Social Day се: Центар за Младински Активизам Крик, Ултра, Фондација Фридрих Еберт, кафуле СКУП, Македонски центар за меѓународна соработка, Кодит Солушн, Приватна агенција ДЕКРА, ИТ Лабс, Фондација Конрад Аденауер, козметичко студио Тропик Белеца, ЛЕАД Скопје, Бизнис академија Смилевски, ЕУРОНИКЕЛ – Кавадарци, ПЗУ Аптека ДНА АННИ ФАРМ, Национален Младински Совет на Македонија, РЕСОРТ МАВРОВО, Ултранет, кафуле Микел, Тинекс маркети и Рудник Бучим Радовиш.

Покрај благодарниците за сите нив, за медиумската поддршка на првиот Social Day во земјава благодарници денеска добија Фондацијата Метаморфозис и новинската агенција Мета.мк, коишто активно ги следат иновативните активности на Здружението на граѓани Младите можат.

Од Младите можат ветуваат дека наредната година Social Day ќе биде уште поголем настан, со повеќе вклучени млади, но и со компании од целата земја. Овој концепт е започнат во Шведска и веќе неколку децении се одржува во европските земји како Solidarity Action Day. Речиси 10-тина години овој настан се организира и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, така што концептот е препознаен како важен и во соседните земји.