Младите на „Една може!“ во борба против неправдите и стигмата кон децата од еднородителски семејства

Младите на Една може!
Елена Божиновска, претседателка на „Младите на Една може!“

Неодамна започна да функционира подмладокот на организацијата „Една може!“, која претставува прва и единствена граѓанска организација за унапредување на правата на еднородителските семејства, во најголема мера на самохраните мајки. Иако не се знае колкав е точниот број на самохрани родители во државата, во оваа организација се регистрирани околу 5.000 членови. Дел од самохраните родители добиваат помош и поддршка од семејството и околината, но голем дел речиси и да немаат никаква помош од ниту една страна. Заеднички за сите е тоа што некогаш во животот се соочиле или уште се соочуваат со стигма и предрасуди во општество во кое традиционалните семејства се наметнуваат како норма.

„Една може“ работи самостојно и ја раскажува главната причина на постоење преку претпознатливиот слоган „За секоја една да може!“.

Здружение на еднородителски семејства Една може!
Здружение на еднородителски семејства „Една може!“ | фото: Фејсбук

Според претседателката на „Младите на Една може“ Елена Божиновска, подмладокот на организацијата постои од 31 декември минатата година и претставува доброволна, непартиска и непрофитна подружница на младите, основана за да се постигнат заедничките цели и интереси за помош на децата и младите лица кои потекнуваат од семејства на самохрани родители, еднородителски семејства и различни семејни конструкции.

„Целта на основањето на подмладокот е унапредување и поддршка на младите од овој тип на семејства, како и нивно поактивно вклучување во политиките и мерките на различните закони во нашата држава кои се однесуваат на оваа целна група, јавните политики и бенефитите кои им припаѓаат, а сè уште не се препознаени и ставени на тапет од страна на институциите“, вели Божиновска.

Вистински предизвик во општество каде традиционалните семејства се „норма“

Елена е избрана за прва претседателка на организацијата, а и самата потекнува од семејство на самохрана мајка. Таа е младинска активистка за женски права, особено во сегментот за самохрани мајки и нивните деца и е голем поборник за лицата со попреченост. Нејзиниот татко починал одамна, па вели дека на своја кожа ги почувствувала дискриминацијата и угнетеноста со кои се соочуваат децата од оваа група.

„Болката проследена со неправдите и предизвиците на новото општество, како и сè уште постоечката стигма се главен иницијатор да децата од еднородителски семејства се чувствуваат гневни, притиснати и угнетени. Особено кога се мали и мораат многу побрзо да пораснат од другите, кога ја сфаќаат празнината од немање на една од родителските фигури, кога сфаќаат дека животот не им е како на сите останати деца. Иако исто се смеат, растат, плачат, нивното развивање на емоционалната интелигенција и свест започнува од порано“, вели Божиновска.

Предизвиците и предрасудите со кои таа се соочува постоеле отсекогаш. Самодовербата кај децата кои растат во семејство со еден родител е кршлива, а дополнително е отежната и задоцнета од претераното потенцирање на традиционалните семејства уште во основното образование.

„Самодовербата тешко се гради, а може да се сруши за момент. Првиот пример каде се премногу агресивно потенцирани традиционалните семејни норми го увидовме во учебници каде што децата од еднородителски семејства се дискриминирани по секој основ – на пример во учебници за првачиња, каде се бара слика од мајка и татко под наслов „Моите родители“, без притоа да се размисли на сензитивноста на оваа група или пак во учебник по социологија каде се тврди дека децата се потенцијални деликвенти“, објаснува Елена.

Извадок од учебник
Извадок од тематски тест за односите во семејството во основното образование / фото: „Младите на Една може!“
Поддршката од околината клучна во градењето на самодовербата

Божиновска објаснува дека нејзината самодоверба почнала да ја гради дури откако сфатила дека не е сама. Најголема поддршка добивала од нејзината мајка, но и од другарите и професорите во училиштето.

„Живееме во општество каде ако им кажеш дека немаш еден родител те гледаат со сожалување, наместо да ти укажат дека ја препознаваат твојата храброст и доследност. Благодарение на поддршката од фамилијата, пријателите и професорите, но најмногу од мајка ми, која во секој момент беше тука да ми подаде рака, да ме крене, да ми даде поттик да продолжам напред, да ме заштити на начин на кој само таа знае, преминав и преку тоа. Моите напори и борба се покажаа на дело повеќе откако добив поттик од сите жени – „едноможачки“ и нивните деца“, додава Божиновска.

Elena Bozinovska
Елена Божиновска / фото: лична архива
Борба за подобро и поразвиено општество каде сите имаат еднакви можности

Откако почнала јасно да ги разбира своите права и одговорности насочени кон социјално маргинализираните групи, решила да се впушти во проучување и борба за, како што вели, едно подобро и поразвиено родово-социјално сензитивно општество, каде децата од еднородителски семејства ги имаат истите можности како и сите останати.

Елена на свои 19 години е една од најмладите управителки во државата, а покрај управувањето со „Младите на Една може!“ истовремено е и стипендистка при Универзитетот „Американ Колеџ“. Посетува академија за графички дизајн, а воедно е и волонтер во неколку организации како „AIESEC“, „АРНО“ и „КРИК“. Вели дека сите овие активности за еден млад човек се предизвик и бараат жртва, но нејзината желба и љубов кон работата и учењето ѝ даваат поттик.

„Не можам да кажам дека е лесно, бидејќи не е, но чувството на крајот на денот е извонредно. Имало денови кога ќе излезам од дома во 8 часот наутро и ќе се вратам во 11 навечер, кога не сум можела од умор да станам од кревет, а морало, имало многу жртви и предизвици, но тоа не ми е проблем“, вели Божиновска.

Таа упатува благодарност до подмладокот и до целиот тим на организацијата „Една може!“ за укажаната доверба. Во моментов сите тие се активирани со цел побрзо и полесно разбирање на јавните родови политики и закони каде што потоа би можеле да дејствуваат. Порачува дека секој што се залага за подобро општество може да се приклучи во „Младите на Една може!“

Младите на Една може!
„Младите на Една може!“

„Сите млади кои потекнуваат од различни семејни конструкции се најдобредојдени да ни се приклучат, како и оние кои би сакале активно да се вклучат во нашата работа и да се залагаат за едно подобро општество, каде што сите се проследени со еднакви можности, а воедно да работат на национални и интернационални проекти, семинари, обуки, тренинзи и неформални едукации во областа на родова еднаквост, со акцент на нашата група“, објаснува Божиновска.

Сите тековни и следни активности на „One Can – Youth“ можат да се следат на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.