„Младите можат“: Повик за волонтирање, активизам и едукација за менталното здравје

Фото: Фејсбук страница на Младите можат

Граѓанската организација за млади, „Младите можат“ отвори повик за членство преку аплицирање за јунироската едукативна програма за волонтерство и активизам како и за програмата за врсничка едукација за менталното здравје.

Се работи за две различни програми, од кои првата, за волонтерство и активизам се расчленува на три различни обуки. Дел од јуниорската програма за волонтирање и активизам се младите кои имаат мотивација да креираат позитивни промени во општеството, да го промовираат младинскиот активизам и волонтерството како главна алатка за личен и професионален развој, да ги развијат своите вештини и да ги остваарт своите капацитети за лидерство во заедницата.

Сите млади кои сакаат да бидат дел од програмата ќе учествуваат во обука за развивање на нивната желба за волонитрање, активизам, општествена одговорност и критичка мисла. Разликата во изборот за обуките е тоа што тие може да се насочат кон пристап кој им нуди користење и развивање на нивните специфични таленти, односно тие може да одберат да учествуваат на:

  • Обука за развивање на волонтирањето и активизмот преку креативни и уметнички концепти;
  • Обука за развивање на волонтирањето и активизмот преку спортот и спортските активности;
  • Обука за развивање на волонтирањето и активизамот преку дебатирање и пишување.

„По завршување на обуките, сите тие заеднички учествуваат на хакатон на кој преку design thinking методологијата, членовите ќе имаат можност да развијат три проекти на теми релевантни на моменталните општествени случувања. Тие проекти ќе бидат потоа подржани од фондот за младински иницијативи креиран од Social Day. Младите активни во оваа програма активно се вклучуваат и во останатите активности на „Младите можат“ кога има потреба од дополнителен волонтерски ангажман“, пишува на веб-страницата на организацијата.

Втората програма нуди обука за промоција на менталното здравје, платформа за личен развој, себеспознавање, себереализација и станување на најдобрата верзија од себеси. На тој начин тие имаат можност да станат способни и решителни млади луѓе кои се справуваат со секојдневните предизвици со кои животот ги напаѓа, да се развијат во агенти на позитивни промени, односно да станат врснички едукатори кои гласно зборуваат за важноста на негувањето на нашето ментално здравје.

Сите кои ќе се пријават ќе поминат низ процесите: учество во развој на прирачник за врснички едукатори за ментално здравје, обука за врснички едукатори за ментално здравје, иницијатива за промоција на менталното здравје помеѓу младите и спроведување на врснички едукации за ментално здравје во средните училишта на територија на Република Македонија.

Младите активни во оваа програма активно се вклучуваат и во дополнителните активности на Младите можат поврзани со темата ментално здравје.

Рокот за пријавување во програмата за волонтерство и активизам важи до 06.02.2022 година, а за програмата едукација за менталното здравје повикот е отворен до 28.02.2022 година.

Повеќе информации и формите за пријавување може да се пронајдат ОВДЕ.

Младите можат е непрофитна и независна граѓанска организација која има за цел да ги поттикне младите да земат активно учество во развојот на демократско општество, преку активно граѓанство и социјален активизам. Организацијата е основана во 2009 година од страна на младите луѓе, водена од идејата за моќта на младите како катализатори на промени во денешното општество. Досега има реализирано повеќе проекти кои ги засегаат и вклулуваат младите во земјава, како одбележувањето на првиот Social Day во земјава, настани поврзни со проектите, а постојано отвара и промовира повици кои им помагаат на младите да станат поактивни членови во општествената заедница.