Младите можат да се пријават на обука за проверка на факти што ќе се одржи месецов во Штип

Обуката ќе се одржи од 24 до 26 мај 2023 година во Штип, ќе се одвива на англиски јазик, а крајниот рок за аплицирање на младите од Источниот и Североисточниот регион е 22 мај 2023 година

Еден од обучувачите, еминентниот новинар на Политифакт, Џон Гринберг | Фото: Мета.мк

Фондација Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, го отвора четвртиот повик за учество на заинтересирани млади од Источниот и Североисточниот регион во Програмата за медиумска обука, „Дезинформации и проверка на факти“.

Обуката ќе се одржи од 24 до 26 мај 2023 година во Штип, ќе се одвива на англиски јазик, а крајниот рок за аплицирање е 22 мај 2023 година. Право на пријавување имаат млади на возраст до 29 години преку пополнување на формуларот на следниот линк: https://icfj.tfaforms.net/4995004.

Преку оваа програма, најдобрите учесници ќе имаат можност за практиканство во медиумите на Метаморфозис: Мета, Порталб или Вистиномер, а двајца од нив ќе имаат можност да поминат еднонеделна студиска посета во САД.

Обучувач на четвртата обука „Дезинформации и проверка на факти“, меѓу останатите, ќе биде еминентниот новинар Џон Гринберг, дописник на PolitiFact.

Гринберг бил дел од тимот на PolitiFact за време на претседателските избори во 2012 година и е еден од проверувачите на факти кои го основаа PunditFact во 2013 година – проект посветен за проверка на точноста на тврдењата на експерти, колумнисти, блогери, политички аналитичари, водители и гости на ток-шоуа. Гринберг два пати бил добитник на награди од Здружението на професионални новинари за истражувачко известување.

ICFJ и Фондацијата Метаморфозис го спроведуваат проектот во три фази во текот на 2023 година и тој вклучува четири тродневни работилници. Обуките се дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.