Младите можат да го најдат патот до сопствен бизнис ако имаат идеја, цел и мотивација

Фото: Мета.мк

Има шанси во државава за секој млад човек кој својата иднина ја гледа тука, наместо  надвор. Само треба да се биде упорен и да се употребат, како сопствените, така и  можностите и поддршката од институциите кои нудат разни програми со цел да се зголеми вработеноста кај младите луѓе, како и да им се помогне со отпочнување на свој бизнис. 

Вака проценува Настасија Штерјова (27г.) која заедно со својата сестра, Михаела (24) пред неколку месеци стартуваа со свој бизнис, отворајќи приватна детска градинка „Малиот принц“, со парични субвенции од државата. 

Зборувајќи со ентузијазам и самоувереност, Настасија говори за почетоците, од идеја до реализација. Нагласува дека, за неа и сестра и, немало двоумење дека ќе успеат да го остварат замисленото. Во градинката веќе има 12 дечиња и расте интересот кај родителите за запишување, што им е потврда дека не згрешиле во проценките за отпочнување на токму ваков бизнис, кој велат дека го работат со задоволство. 

Голема е сатисфакцијата да се стигне до овде. Јас и сестра ми бевме пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа. Иако нашето образование нема допирни точки со она што сега го работиме, сепак се одлучивме за овој бизнис, со отворање на современ, иновативен центар за грижа и воспитување на деца на најрана возраст“, вели Настасија. 

Додава дека при тоа мотивација и голема поддршка имале од семејството, во кое отсекогаш имало претприемачки дух, а родителите подолго време воделе сопствен бизнис. 

Дополнително, Настасија вели дека во реализација на идејата придонело и искуството од работењето во невладина организација каде комуницирала со млади, мотивирани луѓе, полни со идеи и во потрага по финансии. 

„Мислам дека младите дефинитивно се заинтересирани за секаков вид финансирање и поддршка од државата, можеби она што им недостасува е трпение и истрајност, бидејќи секое финасирање со алтернативен извор, бара дополнителен ангажман и контрола на парите“, вели Настасија.

Објаснува дека, во рамки на Програмата за поддршка на млади невработени лица,  преку Агенцијата за вработување на РСМ, Штерјови, по претходно доставен проект, добиле неповратни субвенции од по 5.000 евра, што значително им помогнале за старт на овој бизнис, за кој сè уште е рано да се процени колкав приход ќе им донесе. 

Почетоците не биле баш лесни. Откако им бил прифатен проектот, на почетокот на 2020, парите од државата ги добиле 6-7 месеци подоцна, поради ковид пандемијата. Тоа била причината што забавиле и сите административни процедури за обезбедување на целата документација. Но, Штерјови оценуваат дека од друга страна, тоа им помогнало во смисла што имале доволно време да ги завршат другите подготовки, да најдат простории, да ги опремат според законски стандарди, да обезбедат  персонал за работа со дечињата 

Кога почнавме со работа увидовме дека е голема потребата на родителите за згрижување на децата и за нивна едукација и социјализација, после подолг период на затворање на градинките поради ковид пандемијата и време поминато во домашни услови и изолација“, вели Штерјова.  

Таа посочува дека во градот има конкуренција во овој бизнис, но дека се обидуваат да бидат поразлични, во смисла дека, покрај законски определените програми за  едукација, се внесуваат поинакви креативни, разновидни активности за дечињата, работа надвор од градинката, на други локалитети, какои прошетки во природа, посета на одредени места и слично. 

Сонувајте на големо, им порачува на младите Настасија на крајот на нашиот разговор:

„Не се откажувајте, секоја препрека на патот треба да се преточи во предизвик и мотивација за постигнување на целта, упорноста и посветеноста секогаш даваат резултат“.     

АВРСМ: Младите се една од главните фокус групи во програмите за вработување 

Еден од главните приоритети во работењето на Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ) е намалувањето на младинската невработеност и зголемувањето на вработеноста на младите лица, со цел полесно да се вклучат на пазарот на трудот, велат за „Мета.мк“ од АВРСМ. Токму затоа, тие се една од главните фокус групи во Оперативните планови за вработување кои содржат активни програми и мерки што водат до директни вработувања. 

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година и во услови на ковид криза, имаше реализација од 94,5 отсто. Со него беа опфатени 10.953 лица, од кои 7.313 беа млади до 29 години, што претставува високи 66,8 проценти од вкупниот број на учесници. 

Со програмата за самовработување за лицата кои сакаат да започнат сопствен бизнис, се поддржуваат невработените да основаат сопствена фирма, да ја формализираат  веќе постоечката (неформална) дејност или да создадат дополнителни вработувања кај фирмите основани од лица со попреченост. Таа вклучува разни обуки за претприемништво, помош за одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, неповратните грантови за започнување на бизнисот, менторство во време на започнување на бизнисот и слично. 

Со програмата за Самовработување, сопствен бизнис во 2020 година отворија 1.264 лица, од кои 509 млади невработени на возраст до 29 години. Младите преку Оперативниот план за вработување за 2021 година имаат можност да се вклучат во повеќе обуки, а најатрактивна за нив во 2020 година беше обуката за напредни ИТ вештини, која забележа 100 процентна реализација. Согласно Планот за 2020 година, вкупно беа вклучени 570 лица од кои 43 отсто млади до 29 годишна возраст. 

Според податоците од АВРМ, во 2018 за програмата самовработување аплицирале 2.049 лица, во обуките за претприемништво учествувале 1.556 лица, а 1.053 лица основале сопствен бизнис. 

Во 2019 година за оваа програма аплицирале 1.991 лица, во обуките за претприемништво 1.533 лица, а 1.299 лица основале сопствен бизнис.  

Во 2020 за самовработување аплицирале 2.172 лица, но обуките за претприемништво не се одржаа поради пандемијата. Од нив, 1.468 лица основале сопствен бизнис.  

За оваа година предвиден е најголем опфат досега и поддршка преку оваа Програма за отпочнување на сопствен бизнис се нуди за 1.762 лица. 

Последните статистички податоци на АВРСМ за невработеноста во државава, покажуваат дека заклучно со 30 јуни 2021, бројот на невработените изнесувал 140.674 лица (активни баратели), од кои млади невработени на возраст од 20 до 24 имало 13.401, а од 25 до 29 години биле 14.599. 

Според Државниот завод за статистика, пак, во првиот квартал од оваа година, имало вкупно 150.843 невработени во земјава, при што стапката на невработеност е 16 отсто. Од нив, на возраст од 15 до 24 години биле 27.449, со стапка на невработеност од 37,1 отсто, а бројот на лицата на возраст од 25 до 49 години бил 91.824, со стапка на невработеност од 14,9 отсто.