Младите меѓусебе разговараат за менталното здравје, на потег се родителите, училиштата и институциите

Фото: Мета.мк

Менталното здравје е важна тема за која младите меѓусебе разговараат, тие го направија првиот чекор во однос на отвореноста да зборуваат за сопствената ментална хигиена, имаат желба да одат на психолог, сакаат да разговараат за тоа што им се случува, но најчесто тоа го прват со своите врсници.

Дијана Мицевска од Здружението „Младите можат“ за „Мета.мк“ вели дека младите веќе го направиле првиот чекор и посветата на внимание на овој важен аспект во развојот на една млада личност повеќе е проблем во образовниот процес и односот родител-дете.

„Менталното здравје е базата од која почнува секој млад човек, и ако не се грижи за него, бадијала се сите други вештини кои ги поседува. Младите лица кои имаат одлично ментално здравје би биле успешни на поле на личен развој и на кариерно насочување. Би биле целосна индивидуа,“ вели Мицевска.

Соработката помеѓу родителите, училиштата и децата е клучна во зачувување на менталното здравје

Младите, во зачувување на своето ментално здравје и превенцијата од менталните болести не можат да се изборат сами, потребна им е соработка со институциите. Мерките кои тие ги предлагаат, треба да се лобираат кај возрасните.

Огромна важна улога во тој процес имаат психолозите во училиштата. Но, тие се оптоварени со голем број на административни обврски и останува многу малку време да се посветат на работа со младите.

„Тие немаат време за да се посветат на учениците, затоа што се многу оптоварени со извршување на административни задачи. Од друга страна пак, и психолозите не се сите доволно едуцирани за работа исклучиво со млади луѓе. Има психолози кои се постари, не ги следат трендовите, не ги имаат новите информации, каков треба да им биде пристапот со младите. Тука е разликата помеѓу она што младите имаат како однесување и што очекуваат од психолозите да им понудат,“ вели Мицевска.

Таа потенцира дека најголемиот проблем е што младите немаат пристап до стручните служби и во рамките на пристапност што малку ја имаат, не го добиваат тоа што им е потребно.

„Ако сакаат еднаш месечно да отидат на психолог заради проблеми кои настануваат со образованието, на пример не им се допаѓаат оценките, имаат стрес затоа што родителите ги форсираат да бидат одлични или слично, тие немаат можност да разговараат со психолозите. Дури ако разговараат, тоа е на брзина,“ додава Мицевска.

Излезот, потенцира таа, младите го гледаат во поголема вклученост на институциите, и на тој начин би се превенирале одредени деликвентни појави како посегнување по психотропни супстанци.

„Младите предложија полицијата да биде поактивна со нив. На пример, да има работилници на кои ќе кажуваат кој е ефектот од дроги, кои се последиците. Младите исто така предложија да има едукација на родителите, не само психолозите во училиштата да бидат во тек со настаните туку и родителите, да има едукативни работилници со нив, како можат тие да се справуваат со менталното здравје на децата. Дополнителни едукации на наставниците, како тие треба да пристапуваат. На пример ако некое дете почне да плаче на час бидејќи му се случува нешто во семејството, па како тој професор треба да изреагира во таа ситуација. Генерално, младите бараат дополнителна едукација на секој поглед, на родители, на врсници, наставници,“ додава Мицевска.

Софија Стојановска од „Младите можат“, исто така се согласува дека со родителите треба доста да се работи, бидејќи тоа било увидено како од децата така и од наставниците.

„Потребно е тие да бидат едуцирани и да знаат како да пристапат кон своите деца, како да препознаат што ги мачи, а исто така и како родителите да се грижат за своето ментално здравје, затоа што ако тие се ментално здрави тоа се рефлектира и на децата. На потег се образованието, институциите, бидејќи младите го направија првиот чекор. Едноставно, секој кој што е присутен во животот на младите треба да биде нивна поддршка, односно да работи на нивното ментално здравје, ментална хигиена и што е најважно, превенцијата,“ вели Стојановска.

Важно е младите да имаат квалитетно исполнето време 

Славица Наумовска која 30 години работи како психолог во гимназијата „Таки Даскало“ во Битола вели дека психолозите треба да најдат време за децата, и тие треба да им бидат приоритет, бидејќи тие им се „алатката“ за работа.

„Треба да се најде време да им се помогне на децата, да се превенира. Ние ги употребуваме нашите ресурси како советување, психолошка поддршка, психотерапија, но ако тоа не дава резултати, тогаш ги насочуваме и им даваме насоки за тоа каде треба да се обратат. Ние се водиме според програми за работа со децата кои треба да ги реализираме на годишно ниво,“ вели Наумовска.

Славица Наумовска, психолог во СОУ „Таки Даскало“, Битола

Таа додава дека соработката со родителите е одлична, а во насока на зачувување на менталното здравје кај младите го потенцира значењето на тоа, тие да создаваат здрави навики.

„Освен училишните активности треба да се посвети и внимание и на слободните активности на младиот човек, односно да го прави тоа што го сака. Да се исполнува на оној план преку кој тој го сака да се изразува, на пример преку пишување поезија, проза, сликање, музика, одреден вид на уметност. Потребно е да сака да работи, времето да биде корисно исполнето за да се намалат тие негативни чувства и мисли. Важни се мислите, од кои потоа произлегуваат чувството и поведението. Кога тие негативни мисли ќе се намалат, вниманието и интересот ќе ги насочиме кон друга наша активност која ја сакаме. На тој начин се намалуваат тензијата, анксиозност, вознемиреноста, агресивноста и поведението се пренасочува. Кога постои тензија кај младата личност, интересот и мотивацијата опаѓаат,“ вели Наумовска и додава дека негативните мисли ги рушат доживувањата и чувства кај младите.

Младата личност, според нашата соговорничка, треба да биде водена низ процесот на психологот, психотерапевтот при што, самата треба да дојде до свое решение.

„Доколку се исклучат наследни фактори или интоксикации, важно е младиот човек да си го најде решението за сопствениот раст и развој. Премор, различни стресни состојби може да резултираат со појава на невротска реакција, но треба да се работи за таа состојба да не доведе до одредена патологија. Оттука, корелацијата родител, ученик, училиште има огромна важност во овој процес,“ додава Наумовска која исто така го потенцираше значењето на социјалниот живот на мадите и нивната комуникација со врсниците.

Од настаните „Ментално здравје-сега е моментот“ кои се организирани од „Младите можат“ треба да произлезе документ за јавна политика кој ќе содржи мерки и предложени пристапи за донесителите на одлуки кои го засегаат менталното здравје на младите.