Младите истражувачи поканети да учествуваат со свој труд на Годишната награда на Народната банка

Фото: Архива на Мета.мк

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за  најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2022 година, информираат од НБРСМ. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Право за учество на Конкурсот имаат млади лица од земјава на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Заинтересираните лица треба да испратат труд, кој треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите).

Препорачливо е трудот да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови: апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL); осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува; опис на методите на истражување коишто се користат во трудот; анализа; заклучни согледувања и библиографија.

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2020 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Младите истражувачи треба да ги поднесат трудовите до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик. Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, кој се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка. Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2022 година.

Младите истражувачи чии трудови ќе бидат избрани за најдобри ќе се стегнат со прва награда во износ од 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50.000 денари.