Младите еколози на Македонското еколошко друштво за две години направија над 20 научни истражувања

Фото: Архива на Мета.мк

Еден од најотровните пајаци во светот, црната вдовица живее на неколку локации во Македонија. Парк-шумата Гази Баба е дом на над илјада желки, а годинава, за прв пат, кај нас беше откриена и подземната габа Elaphomyces aculeatus, која е на глабалната црвена листа како критично загрозен вид. Во Скопје воздухот е полн со испарливи органски соединенија, а во близина на ОХИС има присуство и на линдан, негови изомери и на други пестициди и нерастворливи органски загадувачи во воздухот.

Ова се само дел од резултатите до кои дојдоа наши млади истражувачи во своите проекти, направени како дел од програмата за млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво. Истражувањата, по пауза од десетина години, продолжија да се реализираат од лани. Тогаш беа спроведени осум, а годинава во тек се 13 проекти на млади студенти од повеќе факултети, чија главна преокупација што ги спојува е екологијата.

Според Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво, кој е еден од координаторите, во рамките на програмата се поддржуваат млади кои немаат искуство и најчесто се студенти, како и поискусни истражувачи кои работат на магистерски и докторски тези.

„Побогатите држави од светот можат да си дозволат да издвојат средства и да финасираат научни истражувања. За жал, во Македонија тоа ретко се случува заради што МЕД прави напори да им помогне на исклучителни луѓе со изграден истражувачки дух и желба да ги спроведат своите истражувања и анализи“, вели Арсовски.

Тој посочува дека генералната цел е да им се даде можност на младите да ја хранат еколошката и научно-истражувачката мисла во државата, која не е на задоволително ниво, не заради тоа што ни недостасуваат истражувачи, туку и заради тоа што недостасувала платформа со која би можеле да ги реализираат истражувањата.

Дарио Стојановски е лидер на еден од тимовите кои се дел од програмата „Д-р Љупчо Меловски“. Тимот направи 25 теренски истражувања на Парк-шумата Гази Баба, која е идеална локација за популациска студија на ридска и полска желка, бидејќи станува збор за екосистем што изобилува со поволни хабитати. Заловени и процесирани се 515 желки, од кои 418 ридски и 97 полски. Прелиминарните анализи велат дека во парк шумата живеат околу илјада единки на ридската и речиси 200 на полската желка.

„Пределот на Парк-шумата Гази Баба е идеален за ваква студија, со оглед на тоа дека претставува урбан остров. Затворен е од сите страни, со што ни овозможува одлични услови за истражување на желките, бидејќи ни дава можност да ги тргнеме на страна сите неконтролирани фактори како емиграции и имиграции“, вели Стојановски.

Едно од истражувањата спроведено од младите еколози, го истражува и пајакот црна вдовица, кој важи за еден од најотровните пајаци во светот. Тој е многу слабо истражен, не само во земјава, туку и на целиот Балкански полуостров. Кај нас живее во мали и фрагментирани популации исклучиво во најсувите предели. Недоволно проучени се и подземните габи, а тим од млади истражувачи, од март до јули годинава, направија седум теренски истражувања на шест различни локации во Македонија. Тие регистрираа околу 40 примероци на габи од 13 видови, а за прв пат го открија и видот Elaphomyces aculeatus. Се работи за габа која е предложена за Глобалната црвена листа на габи (IUCN), како критично загрозен вид, бидејќи е регистриран само во Европа, на помалку од 50 локалитети.

Истражувањата на младите еколози не го заобиколија ниту еден од најголемите еколошки проблеми во земјата. Аерозагадувањето и изнаоѓањето начини како да се намали, беше мотивацијата на младата истражувачка Ивона Софрониевска веќе втора година да се занимава со анализа на полуиспарливи и испарливи супстанци во воздухот во Скопје. Концентрациите на овие соединенија се мерени на повеќе локации во Скопје, а податоците се споредувани со воздухот во Маврово, како контролно подрачје кое не е загадено.

Резултатите, информира Софрониевска, покажаа дека во воздухот во главниот град, од испарливите органски соединенија најзастапени се ароматичните соединенија, како бензен и неговите деривати, кои преовладуваат во ноември и декември и ацикличните алкани, кои се најзастапени во октомври и ноември, што е споредливо со други урбани средини во земјите ширум светот.

„Прелиминарните истражувања кои се спроведоа во втората фаза од проектот, со земање примерок по активен пат на локациите во Лисиче, во близина на седиштето на МЕД и во близина на ОХИС, покажаа присуство на линдан и неговите изомери, хексахлоробензен, хептахлор, алдрин, ендрин, орагнохлорни пестициди кои биле употребувани во минатото, а денес се забранети поради доказите за негативните ефекти врз здравјето и екосистемите, но имаат долг животен век во средината бидејќи тешко се распаѓаат, па сѐ уште се среќаваат во околината“, вели Софрониевска.

Посочува дека, за да се справиме со овие загадувачи, неопходно е да се разбере нивната структура и својства, да се идентификуваат нивните извори и начините на кои се изложуваме на нив, со цел да можат да се преземат мерки за заштита на животната средина и организмите во неа. Резултатите од овие истражувања треба да помогнат и за подигање на јавната свест и вклучување на сите заинтересирани страни во процесот на креирање одржливи политики и носење правилни одлуки за намалување на штетните ефекти од аерозагадувањето врз животната средина и биодиверзитетот и подобрување на квалитетот на воздухот.