Mладите да се запишуваат во средните стручни училишта и на техничките факултети, порача Шаќири

Шаќири информираше дека во конкурсот за упис во средно образование во новата учебна година се предвидени 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

При изборот на образование, младите да се водат од податоците за тоа што е потребно на пазарот на трудот, порача денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средбата со полуматурантот Олег Стефановски.

Олег е ученик во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, а својата иднина ја гледа работејќи во областа на информатичко-комуникациските технологии, како 3Д дизајнер на игри.

Тој средното образование ќе го продолжи во училиште акредитирано за работа по ИБ програма, велат од МОН, додека високото на некој од факултетите кои нудат студиски програми од областа на информатичко-комуникациските технологии.

„Олег е талентиран ученик кој знае која област на учење и работа, може да му овозможи добра иднина. Сака да биде програмер, односно одбира една од најперспективните професии. Се разбира освен во ИТ секторот, квалификуван кадар недостига во речиси сите други струки и затоа, мојот апел до младите е при изборот на образование, без разлика дали е средно или академско, да се водат од податоците за тоа што е потребно на пазарот на трудот. Тоа е основен предуслов за понатамошен успех“, истакна министерот Шаќири по средбата.

Шаќири информираше дека во конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023/2024 година се предвидени 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места, а наставата ќе се реализира во соработка со над 500 компании. Министерот додаде дека во тек се консултациите за конкурсот за упис во високо образование, каде предност за повеќе слободни места ќе се даде на техничките факултети.