Младите без средства за контрацепција што можат да се земат на рецепт

И покрај тоа што невладините организации редовно реагираат, младите во Македонија сѐ уште не можат да купат ниту едно контрацептивно средство на рецент со пониска цена, која што делумно би се подмирила од Фондот за здравство. По повод одбележувањето на 26 септември – Меѓународниот ден на контрацепцијата, ХЕРА повторно предупредува за ризикот по репродуктивното здравје на младите од земјава поради ограничениот пристап до контрацептивна грижа.

– Стапката на употребата на модерна контрацепција изнесува само 12,8 отсто и државата е дел од земјите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион – посочуваат од ХЕРА.

Од ХЕРА предупредуваат дека Министерството за здравство не ја спровело во пракса мерката за обезбедување на бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени.

– Во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје. Иако 36,5 отсто од младите жени на возраст меѓу 20 – 24 години имале потреба од контрацепција, истата не биле во можност да ја добијат – нагласуваат од ХЕРА.

Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година, но од ХЕРА бараат да се спроведе ваквото ветување без никакво одложување, што претставува и препорака на Обединетите нации за нашата земја.

На глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25%, и смртноста на новороденчиња за 20%, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани.