Младите бараат повеќе да се зборува за отпадот и неговото влијание врз животната средина

Фото: Делегација на Европската Унија во Скопје

„Треба да излеземе од удобната зона, да бидеме креативни како да создаваме помалку отпад и да размислуваме што ѝ правиме на нашата животна околина со секое наше однесување. Сакаме повеќе да се обрнува внимание на екологијата во образовниот процес, преку реални проекти и практики, а не само теоретски“, велат гимназијалци од „Панче Арсовски“ од Скопје, кои учествуваа на дебатата „Светла иднина“ посветена на тоа како се справуваме со отпадот, што беше организирана минатата недела во резиденцијата на Европската Унија во Скопје.

Тоа е првата од шесте дебати во организација на Делегацијата на Европската Унија, во соработка со галеријата „Акантус“, што ќе опфатат теми врз чии начела е поставен Зелениот договор, што е инспирирација за делото „Светла иднина“ на авторот Ајваз Озбек, кое е дел од изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и уште што не“.

На првата дебата, Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“, нагласи дека е многу важно отворено да се зборува за проблемите, а особено што климатските активисти најдоа начин преку уметноста да повикаат на акција.

„Отпадот многу придонесува за загадувањето на животната средина и за климатските промени. Секој од нас може да биде добар пример и да шири еколошка свест“, истакна таа.

На младите им пречи што нема доволно јавна свест, сакаат повеќе да се зборува и дејствува на оваа тема во образованието.

„Јас сум од Петровец и кај нас нема такви контејнери. И нема како да се рециклира, а сакам да го правам тоа. Уште од четврто одделение учествувам во екопроекти. Морам да кажам дека првенствено наставниците ни даваат добар пример. Јас неодамна научив дека постојат машини за пластични шишиња кои потоа ти даваат пари или некоја друга награда. Тоа треба и кај нас да се примени“ вели еден средношколец.

Младите се самокритични и признаваат дека не размислуваат премногу на темата како да го намалат количеството отпад и дека им е тешко да излезат од удобната зона. Тие, исто така, признаваат дека и ковид-пандемијата придонела за нивно созревање и добивање појасна слика за животната средина и нашето влијание врз неа.

Иван Дургутов, млад европски амбасадор од иницијативата на Европската Унија, забележа дека екологијата е тема што младите денес ја чувствуваат како поблиска. Тој посочи дека општеството сè уште нема создадено атмосфера за таа да се сфаќа посериозно.

Низ интересни примери, Виктор Христов, експерт за цврст отпад, им објасни на младите различни аспекти од справувањето со отпадот.

„Отпадот е вид цивилизациска вредност. Затоа што кога ќе видиме како во некои земји добро се справуваат со отпадот, знаеме да кажеме дека се поцивилизирани од нас. Доколку влезете кај некого дома, ако не е чисто, мислите дека не е добар домаќин. Во 20 години сум работел во над 30 земји во светот. Законите секаде се релативно добри. За жал, кај нас примената законите е многу бавна“, вели Христов.

Промените треба да дојдат од вас, младите, а ние, возрасните, треба да се трудиме да создадеме услови за тоа, им порача на младите, Филип Ивановски од „Пакомак“.

„Инфраструктурата полека ја градиме, знаеме дека не е доволно, но мора да ја смениме перцепцијата за нашата околина. Совеста треба да нè натера да го бараме соодветниот контејнер каде да го одлагаме отпадот. Акт на најголема љубов кон државата е да се грижите за вашата околина“, заклучи Ивановски.