Поддршка од државата за обуки и развој на вештини на младите, развој на образовен систем кој ќе продуцира кадри според потребите на пазарот, повеќе пракса отколку теоретска настава, како и поттик за развој на поширок спектар професии со кои вработувањето ќе биде загарантирано, се дел од решенијата за тоа како професиите на инидната да се прилагодат и да бидат од интерес и на младите и на работодавците.
Младински претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор разговараа за подигање на јавната свест за проблемот со младинската невработеност и како со конкретни предлози да се влијае врз креаторите на политики, во рамки на дебатата што ја организираше Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) насловена „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Од ИДУЕП посочија дека целта на овие настани е да се најдат начини со кои ќе се мотивираат младите да останат во земјава, да најдат работа по мерка или да отворат свои компании и да создадат нови типови на работни места, адаптирани на дигиталното време.
„Мора да се разговара отворено во македонското општество, директно да се каже кои се професиите на иднината, како и што бараат младите од една, а што очекуваат бизнисите од друга страна. Само на ваков начин може да се направи синергија и долго посакуваната поврзаност на двете страни на пазарот на трудот“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.
Тој додаде дека во втората фаза ќе бидат вклучени и креаторите на политики на централно и локално ниво, а целта е до крајот на оваа година да се извлечат препораки кои ќе бидат доставени до општествено-политичките чинители, бизнис заедницата и младинските организации.
Претседателот на Младинскиот сојуз, Методија Стојчески, посочи дека младите бараат флексибилно работно време, можности за онлајн работа, како и очекувања за висока плата и примања.
„Еден од проблемите е во тоа што можеби недоволно се ценат т.н. секојдневни или основни професии на кои е неопходно да им се врати дигнитетот и почитта. Тоа се професиите како механичари, заварувачи, пекари и друго, односно професиите кои во моментот ги нема во државата“, истакна Стојчески.
И младите и граѓанските организации, но и бизнис секторот, се согласни дека проблемот со младинската невработеност е во недостатокот на пракса, како и дека треба да се вложува во конкретни обуки и соодветно образование на младите за да се креираат профили според потребите на пазарот на трудот.
Бизнис заедницата смета дека недостасуваат квалитетни кадри со практично знаење. Тие решението го гледаат во поддршка од државата и поволности за компании кои директно инвестираат во обука на вработените.
„Проблемот не е во недостиг на работни места, туку во недостиг на соодветни кадри поради кои мора да се вложува во обука“, смета Деспина Жупан, сопственичка на маркетинг компанија.
Михаил Кирков, претседател на трговска комора при Сојузот на стопански комори смета дека проблемот лежи и во недостатокот на поширок спектар на професии.
„Ги запоставивме малите професии каде што не треба факултетска диплома, но треба искуство кое ќе ги направи вешти во својата професија и ќе бидат одлични, а така и добро платени. Треба да се поведе сметка за сите професии, не само на тие што се модерни и високо платени, туку да се креираат кадри за сите професии“, смета Кирков.
И младите се согласуваат дека праксата и специјализацијата се најважна алатка за успех и мотивација. Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, вели дека вештините мора да им бидат пренесени на студентите.
„Завршувањето на факултетот не треба да биде првиот критериум за да се најде работа, туку практично знаење. На пример во Англија статистиката покажува дека матурантите од стручните училишта имаат пет пати поголеми примања отколку оние што завршиле факултет. А кај нас учениците во стручните училишта стравувајќи од тоа дали ќе најдат работа само со завршено средно образование се запишуваат на факултет и потоа се случува да не се вработат на соодветното место за кое се специјализирани“, рече Павиќевиќ.
Бојан Никовски, кој во моментов работи во локалната власт, смета дека е важна и мотивацијата за работа кај младите лица.
„Пазарот самиот по себе е механизам за да ги мотивираме младите да работат. На пример, кога имаме дефицит на некоја професија, самата понуда, односно платите, природно се зголемуваат. Но, ако немаме млади желни за работа, никогаш нема да ги пополниме празнините. И според мене тука е главниот проблем што треба да се реши“, смета Никовски.
Ова е прва од серијата јавни дебати за тоа какви младински профили му се потребни на пазарот на труд и како компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените. Проектот на ИДУЕП е субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и три партнерски организации од регионот, а финансиран од Европската Унија.