Младите ќе можат да се стекнат со дигитални вештини преку платформата „МладиХаб“

Во канцеларијата на претседателот Стево Пендаровски во центарот на Скопје, се отвори простор „МладиХаб“, која претставува платформа за дигитални вештини на младите лица овозможувајќи им да одговорат на потребите за дигитализација на економијата и јавните услуги.

Младите од 14 до 29 години овде ќе можат да се стекнат со дигитални вештини во замена за општокорисна работа. Во зависност од вештините, интересите и потребите на заедницата, младите ќе треба да учествуваат во иницијативи во заедницата, а со тоа ќе добијат ваучер за пристап на обуки за дигитални вештини.

Проектната координаторка на „МладиХаб“, Гордана Колова рече дека преку дигиталните вештини, младите ќе можат да ги остварат своите амбиции односно да работат за странски клиенти но да живеат и дејствуваат тука. Преку општо корисната работа пак, на младите ќе им се овозможи да развијат емпатија кон заедницата и воедно да создадат чувство на припадност, бидејќи тие заминуваат од државата бидејќи го немаат тоа чувство на припадност.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна дека дигиталните вештини ќе бидат потребни за иднината на јавната администрација, градежништвото, текстилната индустрија односно секој сектор. За волонтеризмот пак, додаде дека преку него младите можат да се осознаат себе си, а истовреме и даваат на заедницата во која што живеат.

Претседателот Стево Пендаровски додаде дека кога станува збор за волонтеризам како држава стоиме катастрофално и оттука важно е што како пример се обидува да вложува во заедницата за да ги поттикне и младите, преку проектот „Лице в лице со претседателот“.

Поддршка на младите во обуките ќе дадат ИТ-компаниите кои членуваат во Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Претседателката на комората, Анета Антова Пешева, истакна дека за секое работно место потребна е дигитална вештина, односно таа е важна за луѓето од сите професии.

Новиот проект „МладиХаб“ се реализира во соработка со Британската амбасада, МАСИТ и Националниот младински совет. Просторот во центарот на градот освен на граѓански организации, ќе им биде отстапуван и на други млади уметници за организирање на настани од различен карактер.

Во следниот период ќе биде објавен повикот за младите, а линкови за повеќе информации се mladi.mk и nms.org.mk.