Младинските организации бараат државата активно да ги вклучи во градењето младински политики

Меѓународниот ден на младите, 12 август е ден кој е посветен на подигнување на свеста за младите. Обединетите нации овој ден го прогласува за ден на младите, препознавајќи ја нивната улога во подобрување на човековите права и слободи.

По повод денот на младите, Мета.мк разговараше со неколку од младинските организации во државата. Тие се согласни дека пандемијата несомнено влијаеше врз сите пори на општеството, неизоставувајќи ги и младите. Независно од тоа кој ќе седне на парламентарското столче, младите очекуваат државата да ги вклучи во донесувањето одлуки и сериозно да се ангажира за да ги задржи младите во државата.

Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) го честитаат Меѓународниот ден на младите и повикуваат на подобрување на квалитетот на животот на младите во државата и намалување на одливот на мозоци.

Филип Кулаков, координатор за меѓународни прашања и политики на НМСМ / Фото: Лична архива

„Во следниот период очекувањата на НМСМ од носителите на одлуки е успешна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, обезбедување дополнителна легислатива за младински прашања со цел унапредување на положбата на младите во општеството, имплементација на корисни мерки за справување со негативните ефекти од ковид-19 кризата врз младите, активно вклучување на младите во процесите на донесување одлуки, корисни младински политики кои ќе ги адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите, како и вклучување на младинскиот сектор во процеси поврзани со младински прашања“ изјави Филип Кулаков, координатор за меѓународни прашања и политики на НМСМ.

Како што вели тој, со оглед на тоа што станува збор за граѓани со клучна улога за одржливоста на општеството и неговата иднина, императивно е младите се повеќе да бидат вклучени во процесите на донесување на одлуки и да се имплементираат младински политики.

„Периодов, пандемијата од светски размери дополнително придонесе кон влошување на положбата на младите во општеството, па затоа даваме препорака итно да се превземат соодветни мерки за намалување на негативните последици врз квалитетот на животот на младите“ додава Кулаков.

И извршната директорка на организацијата „Младите можат“, Анита Николовска е согласна дека пандемијата изнесе низа недостатоци во општеството и институциите кои сериозно влијаеа врз добросостојбата на младите.

„Од новото парламентарно мнозинство очекуваме сериозна реформа во образованието и зголеменост на дигитализација во истото, за да биде во тек со трендовите кај младите луѓето. Исто така, очекуваме образованието да не биде првата област на буџетски кратења при правењето на ребалансите“ истакнува Николовска.

Тимот на организацијата „Младите можат“ / Фото: Лична архива

Таа исто така смета дека е неопходно зголемување и подобрување на системите за поддршка кај младите луѓе, преку воведување на младински центри со достапни услуги за кариерно насочување, развој на тврди и меки вештини како и поттикнување на претприемнички дух кај младите.

„Овозможување на поддржувачки средини во семејството, училиштето и во пошироката заедница се исклучително важни за развој на ментална добросостојба“ потенцира Николовска.

Младинскиот образовен форум (МОФ) денеска организираше младински настан насловен „Замисли си желба за квалитетна младинска политика“ на кој се дискутираше за младинските приоритети и нештата кои на младите им се најмногу потребни.

Стефани Спирковска од МОФ вели дека оваа година денот на младите се одбележува во едно сосема поинакво издание, со млади кои претрпеа толку многу промени во нивното секојдневие и институции кои сè уште активно не ги препознаваат за партнер.

Стефани Спирковска / Фото: Лична архива

„За жал, пандемијата во која се наоѓаме уште еднаш ни посочи колку сме далеку од квалитетно и лесно прилагодливо образование, колку ни недостасува дигитализација во сите сфери од младинскиот живот, но и постојана поддршка од институциите без разлика дали е тоа психолошко советување или пак поддршка во процесот на задржување/наоѓање на ново работно место. Додека се формира новата Влада, ние како млади мора да сме гласни, да ги посочиме приоритетите и нештата за кои наредната влада мора да се залага и уште поважно, институциите конечно да почнат да гледаат партнер и соработник во младите“ децидна е Спирковска.

Коалиција на младински организации СЕГА пак, преку 12 барања ги повикува пратениците во новиот состав на Собранието, како и членовите на новата Влада да се заложат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на младите преку соодветни политики, мерки и интервенции.

Инаку, последното регионалното истражување на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажа дека 79 отсто од испитаниците во Р.С. Македонија одговориле дека денешната генерација на млади немаат добра иднина во земјата.