„Младински дијалог“, Гир со порака за младите: Бидете генерацијата што ќе донесе промени

Фото: Порталб.мк

„Бидете генерацијата што ќе донесе промени“ беше пораката на евро-амбасадорот Дејвид Гир, во Скопје, на отворањето на „Младинскиот дијалог“ во средата. Од друга страна пак, претставниците на Владата на РСМ се заложија дека со финализирање на Националната стратегија за младите ќе има позитивни резултати за младите, пишува Порталб.мк.

Делегацијата на ЕУ во Скопје ја започна серијата на дискусии „Младински дијалог“. Во првата средба се дискутираше за европската перспектива на младите и нивното вклучување во одлучувачките процеси. Шефот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, рече дека земјава треба да помине низ многу фази од отпочнувањето на преговорите и за ова е неопходно вклучувањето на младите во процесот на евро-интеграциите.

„Јас цврсто верувам дека младите се во состојба да пристапат со прекрасни идеи, да вршат притисок за позитивни промени, бидејќи ако не го правите тоа на оваа возраст, нема да го правите на мојата возраст. Вие имате визија и моќ да донесете промени повеќе отколку што верувате. Вие можеби мислите дека родителите, учителите и тие на власт не ве слушаат, но ќе се изненадите. Затоа треба да почнете сега, бидејќи за промената што ја барате потребно е време и генерации, затоа вие треба да сте генерацијата што ќе ги движи нештата напред“, изјави Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ.

И самите млади го сметаат за важно нивното учество во политиката. Активистот и еден од младите европски амбасадори, Исак Мисини смета дека учеството во дебати е само еден од начините што младите ги имаат за да го пренесат нивниот глас и нивните гледишта, една цел за која треба да се труди секој млад човек во оваа земја.

“Преку самото учество во дебати младите добиваат шанса да го искажат своето мислење. Но за тоа е потребно тие прво да имаат изградено мислење, кое за жал многумина го немаат бидејќи постојано се индоктринирани со лажната реторика дека младите не се за политика, не е тоа нивен домен. Потребно е младите да се информираат, да учат и се надоградуваат себеси секојдневно, бидејќи така ќе можат да се заштитат себеси од прекумерната манипулација која потекнува од државните раководители веќе 30 години”, изјави Исак Мисини.

Доцнењето со подготовката на Националната стратегија за младите е еден од факторите што покажува дека можеби младите не се приоритет на Владата, се изјаснија младите.

Ѓорѓи Тасев, Советник на премиерот за младите и младинските политики, пред присутните млади во дијалогот изјави дека иако доцни, Националната стратегија за младите е во финална фаза.

„За жал Националната стратегија за младите е процес што беше пролонгиран поради кризата со Ковид-19 и недостатокот на финансиски средства. Националната стратегија за младите 2023-2027 е во финална консултативна фаза. Оваа стратегија е составена од три главни елементи: првиот елемент е вклученоста на младите во одлучувачките процеси, вториот важен елемент е вработувањето на младите, третиот елемент е информирањето на младите. Здравството, културата и безбедноста се другите елементи на кои се заснова Националната стратегија за младите“, изјави Тасев.

Малиот буџет што се наменува за младите во Северна Македонија е друг голем проблем со кој што се соочува оваа категорија на населението. Оваа година Агенцијата за млади и спорт го имала можеби највисокиот буџет за младите од нејзиното основање, иако поделбата на средствата меѓу спортот и младите скоро секогаш е 98 отсто за спортот, а 2 отсто за младите. Но, предложениот буџет за 2023 година ја намалува сумата за младите за околу 10 милиони денари.

Советникот на Премиерот за младите и младинските политики изјави дека се свесни за оваа ситуација и се работи за изнаоѓање на едно решение за балансирање на буџетот.

„Ова е едно од тие прашања што те ставаат во незгодна позиција, но добро е да се елаборираат таквите прашања. Овој дисбаланс на буџетот претставува сериозен проблем во Агенцијата за млади и спорт. Ние бараме решение за ова и сметаме дека решение е да се формираат различни структури за спортот и за младите, но во моментов ситуацијата е таква каква што е“, изјави Ѓорѓи Тасев.

Одржувањето на сериите „Младински Дијалог“ е завршен настан во рамки на Европската Нова година на младите 2022 предвиден како механизам за дијалог меѓу младите и соодветните засегнати страни во врска со интересите, потребите, групите и заедниците на младите. Првиот дијалот се фокусира на актуелната состојба со процесот на преговорите за членство во Европската Унија и улогата на младите во овој процес.