„МладиХаб – градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ вчера го објави повикот до младите за учество во програма за ментално здравје, информираат од „МладиХаб“.
Преку оваа програма за ментално здравје ќе се поддржат млади лица на возраст од 16 до 29 години. Предност ќе се даде на лица кои доаѓаат од рурални средини, млади во ризик, млади без здравствено осигурување и НЕЕТ млади (млади кои не се во процес на едукација, вработување или тренинг). Ќе се поддржат 100 млади лица, на кои ќе им бидат покриени 6 сесии со психолог назначен од страна на НМСМ. Поради заштита од ковид-19, сесиите ќе се изведуваат преку електронските платформи за комуникација, во термин по договор помеѓу младото лице и назначениот психолог.
Младите лица што ќе бидат учесници во програмата за ментално здравје ќе имаат обврска да учествуваат на сите 6 сесии со психологот (сесиите ќе се одвиваат еднаш неделно во период од 6 недели, освен во ситуации кога психологот ќе процени дека е потребен зголемен интензитет на средби), да се придржуваат до избраниот термин за средби кој ќе ги изберат при пополнување на формата за пријавување и да ја пополнат евалуацијата за задоволството од сесиите.
Заинтересираните кандидати треба да го пополнат формуларот достапен на следниот линк најдоцна до 26 септември. Доколку било кој од заинтересираните кандидати има прашања, може да се обратат на [email protected] или на 070 399 058.
Од „МладиХаб“ напоменуваат дека сите сензитивни податоци дадени при пополнувањето на формуларот за пријавување ќе бидат искористени само со цел да се избере психолог со соодветна позадина и експертиза, како би се понудила соодветна поддршка на учесниците во програмата. Сепак, доколку не се чувствуваат удобно да ги одговорат сите прашања, заинтересираните кандидати можат нив да ги остават празни и тоа никако нема да влијае во процесот на селекција на учесниците во програмата.