Дваесет и четири млади луѓе од Западен Балкан ќе имаат можност да учествуваат во четиридневна програма посветена на раскажувањето приказни, културното наследство и интеркултурната размена, која ќе се одржи од 24 до 28 август во Струга и Охрид.
Во рамки на иницијативата ќе учествуваат млади на возраст од 18 до 29 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, кои преку работилници и практични активности ќе ги развиваат своите вештини за современо раскажување приказни.
Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со различни техники на сторителинг и нивната улога во зачувувањето на културното наследство, а ќе работат и на практични вештини од областа на фотографијата, визуелното раскажување, интервјуирањето, усната историја и мултимедијалната продукција.
Програмата предвидува и учење за дигитални и иновативни пристапи во создавањето приказни, под водство на искусни регионални и меѓународни обучувачи. Посебен акцент ќе биде ставен на одговорното комуницирање на историјата и културното наследство, како и на начините за препознавање и спротивставување на дезинформациите.
Покрај едукативниот дел, младите ќе учествуваат во интерактивни работилници, теренски активности и заеднички проекти, инспирирани од природното и културното богатство на Охридското Езеро – едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа.
Организаторите посочуваат дека целта на програмата е раскажувањето приказни да се искористи како алатка за дијалог, зачувување на културата и градење мир, создавајќи нова генерација млади раскажувачи кои ќе придонесат за поврзување на заедниците низ Западен Балкан.
Проектот „Shared Horizons“, Компонента 2, го спроведува Европската асоцијација за локална демократија (ALDA), со поддршка од Expertise France.
