Млади ќе развиваат идеи како со дигитална технологија да се заштитиме од климатските промени

Претстојниов викенд, млади од 16 до 24 години, на тридневна работилница што ќе се одржи во објектот на Телеком во Скопjе, ќе работат на усовршување на своите идеи, како преку користење на дигиталната технологија да помогнат во заштита на животната средина. Во рамки на младинскиот предизвик Generation Unlimited–Генерација без граници 2022, избрани се десетте тимови кои имаат првични идеи за заштита на планетата Земја од климатските промени преку користење на дигиталните технологии.

Центарот за социјални иновации „Блинк 42–21“, кој е реазлизтор на предизвикот, спроведе информативна кампања на која пристигнаа 39 апликации со идеи, во кои се пријавени 127 млади од повеќе градови во земјата. Избрани се десет тимови кои од 24 до 26 јуни ќе учествуваат на тридневнатa работилница (boot camp).

„На овој настан десетте тимови ќе имаат можност да работат на унапредување на своите првични идеи. Нивните предлог – решенија ќе бидат доусовршени со поддршка од ментори – стручни лица во делот на климатските промени, животната средина и информатичката технологија“, информираат од „Блинк 42–21“.

Младите ќе имаат можност да научат како да развијат идеја, да креираат буџет и финансиски план за нејзина реализација, технички да биде дефинирана, но и одржлива на среден и долг рок. Менторите ќе ги насочат учесниците и во креирањето на маркетинг план, со цел дополнителна промоција на нивните финални решенија. Од десетте тимови пет ќе поминат во следната фаза, а две идеи ќе бидат избрани за да ја претставуваат Македонија на глобалниот предизвик Generation Unlimited. Предизвикот го организира УНИЦЕФ, во соработка со Фондацијата Телеком за Македонија.