Млади иноватори од земјава со две решенија ќе учествуваат во глобалниот предизвик „Generation Unlimited“

Два тима млади иноватори кои креираа дигитални решенија за поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот, избрани се да ја претставуваат земјата во глобалниот младински предизвик „Генерација без граници 2019/2020“, информираат од „УНИЦЕФ“.

Целта на младинскиот предизвик „Генерација без граници 2019/20“ е да ги инспирира младите кои имаат брилијантни идеи, но немаат средства да ги остварат и се одржува во 41 земја во светот, вклучувајќи ја и нашата, како дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.

– Generation Unlimited е извонредна иницијатива која создава простор за младите луѓе да нè инспирираат, поттикнува модернизирање и инвестиции во образованието, подобрување на шансите за вработување преку стекнување вештини, како и градење свест за граѓански активизам, а со тоа им помага на заедниците да создадат сопствени проекти и креативни функционални решенија – рече претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на завршниот настан на овогодишниот „Generation Unlimited – Младински предизвик”.

Двата најдобри тима – “Bionic” со своето решение за изработка на финансиски достапна роботска рака и “Mind Benders“ со своето дигитално ресторанско мени со кое услугите стануваат инклузивни и пристапни за сите  – ќе добијат награда од 2.000 американски долари од Фондацијата Телеком за Македонија и ќе учествуваат во глобалниот предизвик, со шанса да добијат дополнителни средства до 20.000 американски долари, како и поддршка од глобалната програма за инкубација од партнерите на „Генерација без граници“ за проширување на решението.

Тимот “Нешто нетипично“ со својата мобилна апликација Walkiie која ги поврзува волонтерите со деца и млади со интелектуална попреченост за организирање социјални активности, добија почесно трето место и ќе добијат 1.000 американски долари од Фондација Телеком за Македонија и дополнителна локална менторска поддршка за да продолжат со градење на својата иницијатива.

Кои се решенијата на победничките тимови од нашата земја?

Тим „Bionic: Осврнувајќи се на проблемот на недостапност, тешка или невозможна приспособливост и високата цена на ваквиот вид помагала како што е протетичката рака, тимот го изгради своето дигитално решение во форма на он-лајн, бесплатна и отворена услуга за сите. Тие обезбедуваат упатство и насоки кои ќе им помогнат на корисниците да направат протетичка бионичка рака според димензиите што му одговараат на секој поединечен корисник, ги упатува и учи корисниците како самите да ги испечатат деловите на раката со сопствен 3Д печатач или преку услуга за 3Д печатење со насоки како да ја состават. Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра.

Тим Mind Benders”Има за цел да ги отстрани пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост во рестораните, кафулињата, пекарите и други угостителски услуги.  Нивната мобилна апликација “Дигитално мени” содржи библиотека од дигитализирани од ресторани прилагодени да бидат пристапни за лица со оштетен вид, оштетен слух, дислексија и лица што живеат со аутизам. Работејќи директно со сопствениците на рестораните тимот успеа да направи пристапни менија во 25 ресторани и планира да го зголеми бројот и да воведе пристапна опција при правење нарачки онлајн.