Млади еко иноватори добија средства за да реализираат решенија за заштита на водните ресурси

Извор на фотографија: УНИЦЕФ

Пет тима составени од деца и млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да го реализираат своето иновативно решение за подобрување и заштита на водните ресурси во заедниците во кои живеат и да ги намалат штетните ефекти од климатските промени, информираат од УНИЦЕФ.

На онлајн-работилницата за креативно размислување младите иноватори беа избрани како дел од програмата АПШИФТ, при што десет тима составени од педесет средношколци од Скопје, Струмица, Тетово, Валандово, Прилеп, Велес и Берово учествуваа на тридневната работилница. Под водство на ментори и професори, сите тимови имаа можност да ги развијат своите идеи и да стекнат нови практични вештини.

„Поддршката на младите во правец на реализација на нивните иновативни идеи за заштита на животната средина секогаш била и ќе биде дел од сите политики и стратегии на Министерството за животна средина и просторно планирање. Посебно се радувам што фокусот на оваа програма е водата и нејзиното одржливо користење. Очекувам дека одбраните иновативни решенија заслужуваат да бидат финансирани, бидејќи водата како ресурс е од животно значење и е најранлива категорија што ќе биде погодена од климатските промени,“ рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава изјави дека младите имаат способност да создаваат иновативни идеи кога ќе им се обезбеди простор да се изразат и да учествуваат.

„Имаме должност да продолжиме да ги ангажираме во разработка на решенијата. Сите активности за заштита на животната средина и климата мора да ги правиме заедно со децата и за децата затоа што тие го носат најголемот товар од климатските промени, а воедно можат да понудат соодветни, реални и остварливи иновативни решенија,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Шведската амбасадорка во земјава, Кристен Форсгрен Бенгсон изјави дека со нетрпение ги очекува одличните идеи што младите ќе ги разработат во текот на наредните месеци. Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) рече дека партнерскиот однос на ФИТР и УНИЦЕФ продолжува да креира суштинска поддршка за младинското социјално претприемништво и реализирање на идеите на младите талентирани луѓе.

Петте најдобри тима кои добија средства за спроведување на своите идеи го вклучуваат иновативното решение за намалување на потрошувачката на питка вода за наводнување и одржување на училишниот двор и зоолошката градина преку возобновување на училишниот бунар на средношколците од СУГС „Браќа Миладиновци“-Скопје.

Тука е вброено и иновативното решение за собирање и искористување на дождовницата во подземни и надземни контејнери кои ќе ги користат за полевање на сопствените насади во дворовите на средношколците СОУ „Орде Чопела“- Прилеп и СУГС „Владо Тасевски“-Скопје.

Средношколците од ССОУ „Коле Неделковски“- Велес ќе работат на спречување на губитоците на вода во градскиот водовод во Велес преку инсталација на сензори во водоводните цевки кои ќе испраќаат директни информации до ЈКП Дервен преку системот SCADA.

Основците од ОСЕУ „8 Септември“-Тетово ќе работат на прочистување на водата за пиење во нивното училиште  преку поставување на филтри.

Во следните три месеци, тимовите од основци и средношколци ќе бидат поддржани од ментори при спроведување на нивните идеи. Програмата е финансирана од Шведска, ја спроведува УНИЦЕФ и здружението ЛЕАД во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерството за труд и социјална политика.