Млади амбасадори за климатски промени ја симулираат Конференцијата на ОН за климатски промени СОР26

Дваесет млади амбасадори за климатски промени, заедно со експерти и граѓански активисти, денеска се дел од првата симулација на Конференцијата на ОН за климатски промени СОР26, која се одржува во земјава и пошироко, во организација на организацијата „Гоу Грин“.

Млaдите амбасадори, кои претходно беа обучени преку онлајн курсот за климатска дипломатија, пред почетокот на конференцијата ги слушнаа препораките на експертите, кои им посочија дека тие се претставниците на генерацијата, која ќе мора да вложи многу напори за да ги ублажи последиците од климатските промени.

На симулацијата младите работеа во две групи, во услога на претставници на држави, експерти и медиуми, на драфт верзија на текст, поврзан со прашања за климатските промени. Тие преговараа, дискутираа и работеа на измени на текстот, при тоа учејќи за работата и начините на кои политичарите и дипломатите делуваат и донесуваат одлуки.

Фото: Гоу Грин

Според Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска од Министерството за животна средина, потребата од климатска акција постојано расте, а улогата на младите во овој процес ќе биде клучна.

„Македонија го имплементира зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, кое предвидува конкретни цели во надминувањето на употребата на фосилни горива и замена со обновливи извори на енергија, во насока на заложбите за намалување на емисиите за стакленички гасови“, посочи Обрадовиќ-Грнчаровска.

Младите климатски амбасадори беа поздравени од амбасадорите на Обединетото Кралство и нa Италија, Рејчел Галoвеј и Андреа Силвестри. Галoвеј на младите им порача дека предизвикот за справувањето со климатските примени не ги засегнува само државите или компаниите, туку секој човек индивидуално.

„Младите се клучни во мотивирањето на повозрасните сериозно дасе занимаваат со предизвикот на климатските промени, бидејќи тие директно ќе влијаат на нивниот живот“, посочи Галoвеј и изрази задоволство што земјава го одбира патот на декарбонизација, премин кон чиста енергија и зелено енергетско сценарио.

Фото: Гоу Грин

Проектот „Млади амбасадори за климатски промени“, според Антонио Јовановски, од организацијата „Гоу Грин“, има за цел да ги едуцира младите за климатска дипломатија, да креираат младински барања за климатски промени и да ја развие свеста во земјата за важноста од амбициозни цели за Конференцијата за климатски промени на ООН (COP26). Преку обуката за климатска дипломатија, кампања за климатските промени, како и симулацијата на Конференцијата, младите луѓе како и пошироката јавност треба да се запознаат со преговарачките процеси за климатски промени, начинот на доствување младински барања, важноста од националните придонеси и самата Конференција. Симулацијата на СОР26 и проектот „Млади амбасадори за климатски промени“ се поддржани од Британска амбасада во Скопје, додека овогодинешната СОР26, ќе се одржи во ноември, Глазгов, Обединетото Кралство.