МКЦ стана дел од „Liveurope“ – мрежа на најреномирани концертни сали во Европа

Фото: Град Скопје

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје од денеска е полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope. Станува збор за мрежа на легендарни европски концертни сали кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија.

„Ова е награда за сè она што го работевме изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија кога успеавме да сработиме околу 130 концерти. Мрежата е првенствено насочена спрема младите бендови и нивната европска промоција, како и кон промоција на европските бендови на нашата сцена“ изјави денеска на прес-конференција, директорот на МКЦ, Русе Арсов.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека со ова, градот се позиционира како важна локација во европската и светската музичка сцена и дополнително се приближува до престижното признание Европска престолнина на културата за 2028 година.

„До минатата година имаше 16 концертни локации кои работат посветено на претставување на европската култура од 16 држави во Европа, меѓу кои се Ансен Белжик од Брисел и Вега од Копенхаген, а единствена од регионот беше Кино Шишка од Љубљана. Од годинава, МКЦ заедно со уште 4 концертни сали од Линц, Братислава, Загреб и Солун стануваат дел од оваа платформа, со што и официјално се потврдува вредноста која што МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија кои се дел од оваа сцена“ рече на денешната прес-конференција, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Liveurope, која e најстарата европска музичка платформа создадена со цел соработка на култни музички центри кои работат заедно за да ја зајакнат различноста на европската богата музичка сцена, кофинансирана е од Креативна Европа, програма на Европската унија.