МКЦ од 9 до 19 септември организира кино на отворено низ скопските населби

Младинскиот културен центар (МКЦ) од 9 до 19 септември организира филмски проекции во рамките на патувачкото „Кино на трева“ низ неколку населби во Скопје, информираат од МКЦ. Проекциите се бесплатни за сите граѓани и ќе се реализираат според принципот „прв дојден, прв услужен“. Од МКЦ информираат дека настаните ќе се реализираат согласно актуелните протоколи и мерки против ковид-19, додека во случај на дожд, проекциите ќе бидат презакажани.

„Кино на трева“ ќе започне на 9 септември во Домот на културата во Илинден, каде што ќе се прикаже филмот „Посебни“. На 10 септември на месноста Три Круши во Драчево ќе се прикаже филмот „Свиркачите“. Еден ден подоцна, филмот „Скитникот од плажата“ ќе може да го проследат граѓаните од Ѓорче Петров во паркот во оваа населба.

На 12 септември во Домот на културата во Ченто ќе се прикаже филмот „Збогум морони“, додека на 18 септември во населбата Карпош 3 кај „Фонтана“ ќе може да се проследи филмот „Светот на Марни“.

Последен настан од патувачкото кино е проекцијата на филмот „Тера Вили“, кој граѓаните ќе можат да го гледаат на плоштадот „Делфина“ во населбата Влае на 19 септември.

Сите филмски проекции во закажаните термини е предвидено да започнат во 20 часот.