МКЦ во среда слави 50-ти роденден: Бесплатни филмски проекции, свирки и изложби

Извор: МКЦ

Домот на младите – 25 мај во среда, 28 декември слави 50 години од неговото основање. Денешниот Младински културен центар е основан во 1972 година, а по повод јубилејниот роденден, сите млади и постари љубители на уметноста се поканети на целодневната филмска, ликовна и музичка програма, која е бесплатна за посета.

Во џебното кино на МКЦ од 15 часот ќе започне филмската програма, која вклучува прикажување на филмови по избор на фестивалите: Flipbook Film Festival, MakeDox, Џифони Македонија, Филозофски филмски фестивал, ЕХО Фестивал на планински филм, Скопје филм фестивал и Киненова филм фестивал.

Ликовната програма ќе започне во 19 часот и го вклучува перформансот во живо „Го цртаме МКЦ“ со младите уметници Воскресија Андреевска, Ертунч Сали, Бранкица Јордановска, Сања Симоска, Амир Карахасан и Филис Синаноска. По повод 50 години МКЦ, перформанс во живо ќе има и уметникот Мирослав Масин, а на програмата се и две ретроспективни изложби – изложбата на постери на МКЦ и изложбата на уметнички дела „50 години Галерија МКЦ“.

Музичката програма по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на МКЦ ќе започне во 21 часот и на неа ќе настапат Бадмингтонс, Санаториум, Чиста Околина, Дина Јашари и другари, Суперхикс и 21 век.

МКЦ е основан во далечната 1972 година, благодарејќи на постземјотресната обнова на Скопје и финансиската помош на владите на Алжир и на СССР. Како своевиден дом на младите, неговото основање било со цел да се промовираат културните и научните постигнување на младите.

Изградбата на зданието на Кејот на Вардар започнало со изработката на архитектонскиот проект на авторите Славко Ѓуриќ, Воислав Мачкиќ, Мира Банковиќ и Драгица Филипова. Објектот на МКЦ е во неколку наврати реконструиран изминативе пет децении, а поголемата обнова на просториите во зданието е извршена во 2013 година со средства обезбедени во ЕУ.