fbpx

Мицотакис: Самарас мислеше дека може да стане Александар Велики

-

Поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис, со остар тон го нападна актуелниот прв човек на грчката влада и негов некогашен штитеник, Андонис Самарас, за нерешавањето на спорот за името пред две децении. Во интервју наменето за книгата „Распадот на Југославија и грчките фантазии“ на новинарот на „Катимерини“, Ставрос Ѕимас, Мицотакис открива детали околу проблемите со кои се соочил во 90-тите години на минатиот век, во обидот да го затвори спорот за името преку предлог за сложено име, пренесе диписникот на новинската агенција „Мета“ од Атина. Мицотакис во интервјуто, исто така, тврди дека Милошевиќ навистина му предложил да ја поделат Македонија

Поранешниот премиер тврди дека бил подготвен да го затвори проблемот преку решение за сложено име, меѓутоа успешниот расплет на спорот го попречиле нереалните амбиции на Самарас и тогашниот претседател Константинос Караманлис, кој наместо да понуди поддршка за умерено решение, му свртел грб на Мицотакис. Куси детали од книгата која ќе биде објавена месецов денес објави матичниот весник на Ѕимас, „Катимерини“.

Во интервјуто, Мицотакис го обвинува Самарас дека направил целосен хаос во разговорите околу изнаоѓањето решение за спорот за името.

„Не е тој виновен, јас сум виновен што испратив неискусен човек, тој попушти под неподносливиот притисок. Секако ќе си заминеше, јас не се расправав околу неговото заминување. Му реков: „Во тој момент си можел да добиеш што сакаш, да кажеш јас си заминувам, ама сакам да ми го решите проблемот со Скопје“. Германците тогаш ќе го решеа проблемот во замена за прашањето за Хрватска. Самарас имаше нереални амбиции, мислеше дека има голема шанса да стане Александар Велики и затоа го направи цел овој пропуст“, вели со жесток тон Мицотакис, откривајќи детали за тогашниот негов штитеник и министер за надворешни работи.

Ништо поумерен не е ни во коментарите за претседателот Караманлис. Според Мицотакис, и тогашниот претседател има голем дел од вината што спорот за името сè уште не е решен. Од изјавите се забележува разочараност затоа што од него не ја добил неопходната поддршка за да може едно компромисно име да помине и да биде изгласано во Собранието, за да се избегне целата оваа дводецениска драма.

Мицотакис за Ѕимас открива дека Караманлис целосно ја поддржувал идејата за сложено име и бил согласен со ваквиот став. Дури и барал да се најде начин да се смират националистичките тензии.„Кога се случуваа големите протести, Караманлис ми се јавуваше очајно и велеше: – Види што можеш да направиш да ги спречиш собирите, да се намалат протестите“, вели Мицотакис. Меѓутоа, во клучниот момент, кога сериозно требало да се пресече и да се донесе одлука, грчкиот претседател се повлекол, оставајќи го Мицотакис на цедило.

„Ме обвинуваат зошто на времето не го решив прашањето. Не можев да го решам тогаш без Караманлис. Му кажав дека сакам да напреднат разговорите и да се реши. Но, кога работите стежнаа, Караманлис се повлече, не можеше да издржи. Во тешките моменти Караманлис не се покажуваше на дело“, вели експремиерот, коментирајќи дека поранешниот грчки претседател истото го направил и со големата кипарска криза кога си заминал од НАТО.

Изјавите на експремиерот покажуваат јасен револт кон Караманлис и неговото нагло менување на ставот за името, па од умерен став за сложено име кон ултра-националистичка екстремна позиција со барање во новото име за нашата држава воопшто да не фигурира зборот „Македонија“. „Јас, во тој момент, дојдов во судир со Караманлис. Му реков дека ако ме поддржи, јас ќе го решам името. Знаете зошто ми требаше Караманлис? Бидејќи јас имав мнозинство од два гласа во владата. Во Нова демократија Караманлис имаше свое мнозинство, ја имаше на своја страна групата Еверт, Канелопулос, Димас итн. Ако Караманлис речеше „да“ тие ќе гласаа „за“, ако речеше „не“ ќе гласаа „против“. Немав мнозинство за да го решам проблемот“, објаснува Мицотакис во интервјуто за книгата, објаснувајќи ги условите во грчката влада во времето кога се крчкало решение за името.

Поранешниот премиер посочува дека и тогашниот српски премиер, Слободан Милошевиќ, вршел притисоци над македонската влада и се обидувал да помогне да се затвори спорот. Мицотакис уверува дека Милошевиќ навистина му предложил да ја поделат Македонија. „На нашата прва средба, Милошевиќ ми предложи да ја поделиме државата. Ние да земеме половина држава, тие другата половина. Јас му реков да се прибере, бидејќи такви работи не е возможно да се случуваат. Му реков: – Видов дека се спасивме од Славомакедонците, си отидоа на своја волја, да ги вратам јас назад во Грција, дали сте Вие нормален?“, објаснува Мицотакис за неговиот разговор со поранешниот српски премиер.

Под знак прашалник е каква бомба ќе активираат овие детали кои ги открива Мицотакис во грчката влада и конкретно кај Самарас. За потсетување, екстремниот став на Самарас да не се прифати име кое ќе го има терминот „Македонија“ доведе до раздор меѓу него и Мицотакис, кој го имаше како свој штитеник, пружајќи му поголема доверба и политички шанси пред сопствената ќерка Дора Бакојани. Епилогот од овој раздор беше исклучување на Самарас од Нова демократија, а кусо потоа и пад на владата на Мицотакис. Кланот Мицотакис и „отпадникот“ Самарас беа во завојувана состојба сè до 2012 година, кога ги спои погребот на сопругата на Мицотакис и договорот да ги закопаат секирите за Самарас и Нова демократија да добијат поголема поддршка на предвремените избори во 2012 година.

Ѕимас работи како новинар и аналитичар за „Катимерини“ и е првиот човек на солунскиот сектор на грчката државна новинска агенција АНА-МПА. Важи за еден од најдобрите познавачи и аналитичари на македонско-грчките односи и на спорот за името во Грција, кое го следи од самиот почеток и еден од ретките новинари со поумерени ставови, кој често пишува и ги анализира македонско-грчките односи.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...