Мицкоски: Владата ги фрли земјоделците на коленици

-

Земјоделците се фрлени на коленици и оставени сами на себе и тоа мора да се смени. Се работи за непочит на трудот на илјадници семејства кои се прехрануваат од земјоделието, се работи за незнаење, неспособност и немање на план, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја Владата дека не придонела ништо за подобрување на состојбата на земјоделците, туку напротив, води погубни политики.

– Земјоделието е во надолна линија. Земјоделците се на работа на егзистенцијата. Според податоците на Државниот завод за статистика во второто тромесечје од 2018 година откупот и продажбата на земјоделските производи се намалени за 4,4% во однос на истиот период од претходната година. Цените на тековно потрошени средства во земјоделството во јули се пораснати за 9,6%, што значи дека заработката е сè помала за земјоделците. Растот на трошоците од 8% се бележи и во месец јуни. Откупот и продажбата опаѓаат, а трошоците растат – порача Мицкоски.

Како доказ за своите тврдења, тој рече дека годинава заклучно со јули се увезени 6.000 тони бостан, а извезени само 2.500 тони, додека во 2016 година извозот изнесувал 11.000 тони. Посочи и на увоз на 6.500 тони домати, односно речиси половина од вкупниот извоз.

Мицкоски во видео-обраќањето обвини дека владата нема слух за производителите на сливи, бидејќи 20.000 тони се неоткупени.

– Паралелно на тоа ја нема ниту зелената нафтата која ја ветуваа, ниту е намалено ДДВ – то за сточна храна, а се забележува и намалување, кратење на субвенциите во неколку земјоделски гранки – порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...