Македонија мора да оди напред, kорупцијата, политичките притисоци, политичката одмазда мора да стане минато, изјави Христијан Мицкоски откако делегатите го избраа за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија. Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување. Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани. Силна економија со домашно стопанство и крупни инвестиции. Земја со стабилен бруто домашен производ. Граѓаните заслужуваат подобро здравство. Корупцијата, политичките притисоци и одмазда мора да станат минато. Правичноста е најважна – рече Мицкоски.
Тој истакна дека е свесен за сите сомнежи во него кои се оправдани затоа што до сега немал можност да носи крупни одлуки.
– Јас немам намера да штитам непринципиелни работи, и нешто во што не верувам и е спротивно на нашите вредности. Мојот политички противник е СДСМ, а не поединци и помали групи во ВМРО-ДПМНЕ, и ќе работам на надминување на отворените прашања кои ќе се наметнуваат низ дијалог и дебата во рамки на партијата, но никогаш нема да се доведам во ситуација јавно да прозивам или внатрешната дебата да се претвори во театар кој ќе оди во прилог на политичкиот противник – рече Мицкоски.