Белградскиот весник „Време“ објави интервју со Амфилохије, митрополит црногорско-приморски на Српската православна црква (СПЦ). Додека поголем дел од интервјуто  се однесува на тековните состојби со Црна Гора, тоа содржи и изјава во врска со спорот со македонската црква, МПЦ-ОА.

​Во главниот дел на интервјуто, Амфилохије ја обвинува црногорската власт за креирање на проблемот со Законот за слобода на вероисповед и масовните протести, велејќи дека Црногорско-приморската митрополија СПЦ ќе ја прифати понудата за дијалог само по укинување на законот.

При тоа, на прашањето на „Време“ „дали се кае поради некои пресилни зборови во минатото“ митрополитот  одговара дека е свесен за грешките од минатото, дека и тој искажал тешки зборови за кои моли „прошка од сите кои биле погодени или навредени со нив“.

На прашањето кои се наредните чекори на СПЦ по прашањето на посетата на државната делегација на Северна Македонија со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул, Амфилохије одговорил дека би требало да му се придава значење.

Наспроти низа српски медиуми кои ширеа сензационалистички дезинформации за таа посета претставувајќи ја како дел од заговор на Западот чија цел е НАТО да го уништи православието (односно СПЦ и Руската Православна Црква – РПЦ), според митрополитот Амфилохије, вселенскиот патријарх може и треба секого да прима на разговор.

Амфилохије рекол дека Вартоломеј, како прв свештеник на првоперстолната Црква повеќе пати потврдил дека нема намера да се меша во спорот меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, односно со негови зборови „да го ремети единството на нашата помесна црква и канонскиот поредок на СПЦ. Треба да се остане во таа љубов и во тоа уверување и врз нив да се градат меѓусебните соборни односи, а не од секоја средба и разговор да нè фаќа паника и недоверба.“.

Овие смирувачки тврдења на митрополитот Амфилохије упатени кон српската јавност може да се споредат со изјавите на патријархот Вартоломеј дадени во мај 2019 година во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

Патријархот тогаш изјавил дека со давањето автокефалност на Украинската црква (напроти противњето на РПЦ) Цариградската патријаршија само ја продолжила традицијата на признавање на сите новосоздадени автокефални цркви. Тој објаснил и дека „барањето на Македонија се разгледува со љубов, во полза на верниците“.