Во време на пораст на пандемијата на Ковид-19, тим што е формиран во Мсачусетскиот институт за технологија (МИТ) работи на создавање многу евтин апарат за вештачко дишење, чии нацрти и софтвер се со отворен код и ќе бидат достапни на сите заинтересирани што сакаат да го изработуваат. Вентилаторите во денешно време чинат и по 30.000 американски долари, а се смета дека новиот апарат би можел да се направи до делови што чинат 100 долари, извести Светскиот економски форум.

Апаратите за вештачко дишење, познати во последно време како „вентилатори“, се едни од најнеопходните работи за спасување животи на пациенти со Ковид-19, но се скапи. Затоа тимот организиран од МИТ, а составен од инженери, физичари, компјутерски експерти и други кадри работат на безбедна и евтина алтернатива, која би можела да се изработи речиси секаде во светот.

Тимот MIT E-Vent е формиран на 12 март, откако некои луѓе се потсетиле на проект што бил реализиран пред една деценија, кога студенти во консултација со лекари дизајнирале едноставен вентилаторски уред што може да се изработи од делови кои би чинеле 100 долари. Тие издале и труд во кој ги навеле деталите за дизајнот и тестирањата, но работата за жал завршила на тоа.

Сега новиот, набрзина формиран тим, продолжува со проектот со брзо темпо. Сите учесници работат волонтерски.

Photo by MD / MIT

Клучниот дел е гумениот балон што се притиска со рака за да се даде вештачко дишење, наречен Ambu bag, кој одамна го има по болниците. Тој балон што се притиска со рака, се користи во многу итни ситуации, додека пациентот да се приклучи на механички вентилатор. Но и тој зафат е неопходно да го врши остручено медицинско лице.

Иновацијата што ја почнал тимот на студенти, а сега набрзина сака да ја финализира новиот тим, треба да биде механички систем што може да го притиска и отпушта гумениот балон, бидејќи е невозможно таа постапка постојано да ја прават луѓе – оттаму и потребата од механички вентилатор.

Предизвикот е системот што ќе ја врши постапката да не го оштети гумениот балон и да може да се контролира, за количеството истиснат воздух и неговиот притисок да се прилагодат на секој пациент, бидејќи воздухот се внесува во белите дробови преку црево вметнато во дишните патишта.

Најголемиот предизвик пред дизајнерите на новиот евтин вентилатор е да се спречи можноста добронамерни изработувачи да го репродуцираат системот без да имаат клинички познавања или експертиза околу хардверот, што бии требало да работи долго време – потребни е еден милион циклуси за да се одржи во живот пациент во текот на две седмици. Потоа, тимот сака да создаде софтвер што е отпорен на грешки, бидејќи е потребна голема прецизност при функционирањето.

Изработката на новиот вентилатор не би била работа што може да ја направи секој „направи сам“ ентузијаст.

– Ваквите уреди треба да се користат само под надзор на лекар – вели еден член на тимот.

Работата е уште во тек, на веб-сајтот на проектот се објавуваат информации за напредокот на проектот и испитувањата.