Мишел Фајфер и Снуп Дог се простија од Кулио, раперот од „Гангстерскиот рај“

Кулио, архивска фотографија од 2002 г. | Јавен домејн, Викимедија комонс

Познати ѕвезди како Мишел Фајфер и Снуп Дог, јавно се простија од американскиот рапер Кулио, кој почина на 59 годишна возраст.

Џарез Поузи, неговиот менаџер, за медиумите во САД изјавил дека Кулио бил пронајден во куќа на негов пријател како лежи на подот во тоалетот.

Кулио, чие вистинско име е Артис Леон Ајви Џуниор, доби Греми награда во 1995 година за неговата песна „Гангстерски рај“ (Gangsta’s paradise) која стана филмска музика за филмот „Опасен ум“ (Dangerous Minds) со Мишел Фајфер во главната улога.

Точната причина за смртта сè уште не е позната.

Но, менаџерот Поузи за ТиЕмЗи посочи оти вработените во Брзата помош кои биле на местото на смртта, веруваат оти може да станува збор за срцев удар.

Фајфер рече дека песната на Кулио била „причината зошто филмот беше толку успешен“ и дека сè уште ја лазат морници кога ја слуша.

„Навистина ми е жал што талентираниот артист Кулио почина“, напиша таа на инстаграм, споделувајќи видео од спотот на познатата песна.

„Живот кој заврши премногу рано“, продолжи таа додавајќи дека „тој беше навистина љубезен“.

Раперот Снуп Дог сподели фотографија од нив двајца како позираат на сетот на видео-спотот за песната Gangsta Walk, на која соработуваа во 2006 година.

Уште еден рапер, Ајс Кјуб (Ice Cube) рече: „Ова се жални вести. Сведочев од прва рака како овој човек се искачи на врвот на индустријата“, додека Ванила Ајс (Vanilla Ice) твитна: „Полудев, само што слушнав дека мојот добар пријател Кулио починал“.

Раперот ЕмСи Хамер (MC Hammer) го опиша Кулио како „еден од најдобрите луѓе кои ги знаев“.

„Добри луѓе, почивај во мир Кулио“, напиша тој, споделувајќи црно бела фотографија од раперот, а потоа споделувајќи уште една фотографија на која тој е заедно со Кулио, Тупак и Снуп Дог.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by snoopdogg (@snoopdogg)

Кулио започна да прави музика во 80-те, но го зацврсти своето место во хип-хоп историјата кога ја сними песната „Гангстерски рај“, која стана една од најуспешните рап песни на сите времиња. Со тоа тој стана водечка фигура на рап сцената на Западниот брег на САД во 90-те.

Кулио е роден во сојузната држава Пенсилванија, но пораснал во преградието на Лос Анџелес, Комптон, каде се развива неговата кариера.

Како талентиран продуцент и актер, тој се појавува во повеќе филмови и телевизиски шоуа. Исто така, тој започнува и интернет серија за готвење и книги, наречена „Готвење со Кулио“ (Cooking with Coolio).

Тој беше активен сè до неговата смрт – Кулио беше на турнеја со други ѕвезди од 90-те како Ванила Ајс и Јанд ЕмСи. Тие настапуваа заедно во сојузната држава Тексас во САД пред само неколку дена.